Mакедонскaта асоцијација на превозници „Макам-транс“ го поддржува протестот на камионските транспортери од регионот, закажан за 26 јануари, со координирани блокади на границите со земјите од Шенген-зоната, како предупредување по двегодишното игнорирање на нивните барања за ревизија на новиот електронски систем за влез и излез (ЕЕС). Протестот, кој ќе се одвива на комерцијалниот товарен транспорт, има за цел да ја истакне сериозноста на проблемите што ги предизвикуваат новите правила за превозниците.
Од здруженијата на транспортните компании нагласуваат дека ЕЕС го ограничува бројот на денови што можат да се поминат на територијата на Шенген и создава дополнителни административни бариери, што ја доведува во прашање економската одржливост на компаниите.
– Целта не е блокада по секоја цена, туку отворање сериозен дијалог за ревизија или пофлексибилно толкување на правилата – велат од здруженијата.
Од „Макам-транс“ апелираат до сите членови да бидат организирани и единствени. Оттаму нагласуваат дека учеството на протестот нема да предизвика штети за превозниците, но неучеството носи ризик, особено со оглед на тоа дека од 10 април започнува примената на системот ЕЕС, кој ќе ги блокира возачите со престој над 90 дена во период од 180 дена.
– Ова не е поединечна борба, туку заедничка и е за иднината на нашата дејност. Веќе голем број превозници го потврдија своето присуство, што е јасен сигнал дека постои свеста за сериозноста на проблемот. Само со масовност и со заеднички настап можеме да испратиме силна порака и да издејствуваме решенија. Последиците би биле застои, финансиски загуби и неможност за извршување превози – велат од „Макам-транс“.
Превозниците истакнуваат дека сите дипломатски канали се веќе користени – писма до Европската комисија, средби со надлежни институции во Србија и БиХ и разговори во Брисел – но без конкретен исход. Сега тие најавуваат дека блокадите ќе траат онолку долго колку што е потребно за да бидат слушнати нивните барања, а последиците може да се почувствуваат низ целите снабдувачки синџири и европската економија.
Со масовност и со координиран настап, превозниците испраќаат јасна порака дека заштитата на нивните права и економската издржливост е приоритет, а одговорот на институциите ќе покаже дали проблемите ќе бидат решени пред примената на новиот систем.
(С. Бл.)












