четврток, октомври 1, 2026
Дома БАЛКАН Претседателка на Република Српска, член на Претседателството на БиХ и хашка осуденичка:...

Претседателка на Република Српска, член на Претседателството на БиХ и хашка осуденичка: Која беше Билјана Плавшиќ?

1
EPA PHOTO ANP/REUTERS POOL

Поранешната претседателка на Република Српска, Билјана Плавшиќ, почина утрово во Белград на 96-годишна возраст.

Плавшиќ е родена на 7 јули 1930 година во Тузла. Израснала во Сараево, дипломирала и докторирала биологија во Загреб, а потоа предавала на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Сараево. Таа била стипендист на програмата „Фулбрајт“ во САД и автор на научни трудови од областа на ботаниката. Во политиката влегла дури во 1990 година како член на Српската демократска партија.

Истата година била избрана за српски член на Претседателството на Босна и Херцеговина, заедно со Никола Кољевиќ. За време на распадот на Југославија и граѓанската војна во БиХ, таа била дел од највисокото српско раководство, вклучително и како член на Претседателството на Република Српска.

Ја извршувала функцијата претседател на Република Српска од јули 1996 до ноември 1998 година, наследувајќи го Радован Караџиќ. Во тоа време, западните медиуми ја нарекувале „српска Железна леди“.

Во тој период, таа политички се судрила со Караџиќ и со делови од военото раководство i го потпишала указот за разрешување на Ратко Младиќ од должноста началник на Главниот штаб на Војската на Република Српска и, со поддршка на меѓународната заедница, го формирала Српскиот народен сојуз.

На изборите во 1998 година загубила од Никола Поплашен, кој подоцна, на 6 март 1999 година, бил разрешен од функцијата од страна на Високиот претставник за БиХ, Карлос Вестендорп, бидејќи одбил да го дозволи именувањето на Милорад Додик за премиер на Република Српска.

Во 2001 година, Хашкиот трибунал покрена обвинение против Билјана Плавшиќ за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите или обичаите на војување, во врска со прогонот на не-српското население во неколку општини во Босна и Херцеговина во текот на 1992 година.

Таа доброволно му се предаде на Трибуналот на 10 јануари 2001 година. До октомври 2002 година, таа се изјасни за виновна по една точка од обвинението – прогон врз политичка, расна и верска основа како злосторство против човештвото, извршен како дел од здружен злосторнички потфат.

Обвинителството ги повлече преостанатите точки од обвинението, вклучително и обвинението за геноцид.

Во февруари 2003 година, Плавшиќ беше осудена на 11 години затвор. Судскиот совет ја истакна исклучителната тежина на злосторството – дел од кампања за етничко раздвојување што резултираше со смрт на илјадници луѓе и протерување на илјадници други – но ги зеде предвид олеснителните околности, како што се нејзиното признавање вина, изразеното каење, доброволното предавање и нејзината поодмината возраст.

Таа ја отслужи казната во затворот „Хинсеберг“ во Шведска и беше предвремено ослободена на 27 октомври 2009 година, откако отслужи две третини од казната.

По ослободувањето од затвор, таа живееше во Белград.

ИЗДВОЕНИ