Песните со Блага поодамна станаа дел од народот, дел од семејните веселби, спомените, нови и стари љубови, животни приказни. Токму затоа, оваа награда не е само признание за една богата пејачка кариера, туку и благодарност за нејзиниот огромен придонес во зачувувањето, негувањето и афирмацијата на македонската народна песна.Валандово, градот на калинките ја донесе својата фестивалска атмосфера во Скопје. Не со песните, туку со првата голема прес-конференција (одржана во палатата „Македонија“) на која можевме да дознаеме сè за неговото годинашно 39. издание. Беа поканети голем број медиуми, секако и екипата на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press. И веднаш, најсвежата вест е дека сите љубители на добрата македонска народна песна, кои се во голем број, може максимално да се радуваат. Триесет и деветтото издание на овој некогашен и југословенски фестивал годинава ќе се одржи на 26 и 27 мај. Со новото раководство, откако има Валандово нов градоначалник, господинот Ѓоко Камчев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Фестивалот има и нов уметнички директор, тоа е Илчо Јованов, додека извршен директор е Горјан Стојановски. Функцијата технички директор му припадна на Ѓоко Павлов, а нова водителска двојка се Ели Танасковска и Зоран Ѓорѓиев (наместо досегашните Ирена Спировска и Ѓорѓи Калајџиев).Организаторите, Општина Валандово, како и помагателот – Министерството за култура, истакнуваат дека на распоредот ќе бидат две фестивалски вечери. На првата ќе ги слушнеме старите хитови, а на втората – 20 нови песни, идни потенцијални хитови. И едните и другите ќе бидат испеани од веќе докажани пејачки имиња, но и од некои сосема нови. Меѓу нив ќе бидат: Блага Петреска, која воедно на свечен начин, ќе ја добие наградата за животно дело, Нино Величковски, Дејан Николоски-Чуле, Мишко Крстевски, Благоја Грујовски, Даце Николовски, Лени Партикова, Горан Тодоровски, Благица Калева…  Главната фестивалска вечер, кога ќе се избираат и победниците, ќе се одржи на 27 мај, во добро познатата фестивалска сала „Јанко Узунов“, со директен пренос на Македонската телевизија. Таму ќе бидат претставени 20 нови фолк-композиции, идни потенцијални хитови, какви што знае да донесе единствено „Валандово фолк-фест“, по примерот на: „Бисер балкански“, „Стариот џумбушлија“, „Во црно вино утеха нема“, „Дојди ми, Лено, на перниче бело“, „Има ли песна“, „Лихнида кајче веслаше“, “Бабино девојче“, ,„Кога љуби мома млада“, „Ако згрешам, нека изгорам“… „Фолк-фест Валандово“ не е само валандовска гордост туку и национална, наша македонска вредност, а воедно и интернационална. На неговата фестивалска сцена, во текот на тие претходните 38 години, настапија и голем број ексјугословенски естрадни ѕвезди, од Ана Бекута со „Стариот џумбушлија“, па сè до Вера Ивковиќ, Мерима Његомир, Ханка Палдум, Милан Бабиќ, Биљана Јефтиќ… Не постои македонска веселба што може да помине без валандовските песни. Се гледаме и пееме во Валандово, во најубавиот дел од годината.                       (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ