сабота, јуни 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРЕМИЕРОТ КАТЕГОРИЧЕН ДЕКА НЕМА НОВО ПОПУШТАЊЕ ВО ОДНОС НА НОВИОТ ЗАКОН ЗА...

ПРЕМИЕРОТ КАТЕГОРИЧЕН ДЕКА НЕМА НОВО ПОПУШТАЊЕ ВО ОДНОС НА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ: Ќе нема професорски плати од 150.000 денари без научни трудови!

– Оние што се плашат од новите критериуми сакаат да работат еден ден во неделата, да земаат плата од 120.000 денари, а да не напишат еден труд во годината. Што им е тогаш работата?! Тоа е исто како јас, премиер на Владата, да доаѓам само еден ден во неделата на работа, но да барам десет пати поголема плата и да не сносам никаква одговорност за ништо во државата. Мора да работат ако сакаме да имаме иднина како држава, мора да се зафатат со работа – порача премиерот Мицкоски

1569

Кој сака да биде избиран во научни и наставни звања како доцент, редовен и вонреден професори на македонските универзитети и да добива висока плата, ќе мора и да работи и да објавува научни трудови. Ваква категорична порака вчера прати премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање врзано со почетокот на процедурата за усвојување на новопредложениот закон за високо образование. Предложениот закон завчера доби поддршка од ректорите на државните универзитети откако во последната верзија беа вградени забелешките изнесени во текот на јавната расправа, по што предлогот е веќе затворен за промени. Премиерот рече дека во јавноста и натаму се присутни критики на предложената конечна верзија, но ги нарече „политички и неосновани“.

– Сите буквално дадоа поддршка за законот. Тоа е прво. Второ, сите оние политички шпекуланти што јавно кажуваа дека се против законот, оти наводно на тој начин се намалувала автономијата, импровизираат и манипулираат. Ги видовте ректорите на државните универзитети како го поддржуваат законот – нагласи македонскиот премиер.

Со досегашниот Закон, пад од илјада места на Шангајската листа

Во последната верзија на законот за високо образование се наведени конкретни услови што се однесуваат на изборот во наставно-научни звања – доцент, редовен професор и повторен избор за редовен професор. Така, во членот 161, покрај другото, се наведени главните услови за избор. За да биде избрано за доцент, одредено лице мора да има докторска титула од научната област за која се избира, како и да има објавени или прифатени за објавување најмалку шест рецензирани научни труда во референтна научна публикација, од кои најмалку три во списание со фактор на влијание (Web of Science), во последните пет години пред објавувањето на огласот за избор и најмалку h-индекс 3 во база определена од установата. За избор во звање вонреден професор, исто така, се барањата објавени или прифатени за објавување најмалку шест рецензирани научни труда во референтна научна публикација, но најмалку четири во списание со фактор на влијание во базата на Web of Science, во последните пет години пред објавувањето на огласот за избор и најмалку h-индекс 5 во база определена од установата. За редовен професор, потребно е да има објавено или прифатено за објавување најмалку седум рецензирани научни труда, од кои најмалку четири во списание со фактор на влијание во базата на Web of Science, во последните пет години пред објавувањето на огласот за избор и најмалку h-индекс 8 во база определена од установата. За повторен избор во звање редовен професор, ќе биде потребно објавување на седум рецензирани научни труда, од кои четири во списание со фактор на влијание во базата на Web of Science, во последните седум години пред објавувањето на огласот за избор и h-индекс најмалку 11. Но, според реакциите во текот на расправата, се смета дека тоа се строги критериуми. Од ваквата обврска, според новиот закон, се ослободени оние професори што ги добиле своите звања пред донесувањето на новиот закон. Во текот на јавната расправа имаше мислење дека тие треба да бидат задолжени со објавување на научните трудови, но не беше прифатено тоа.

Според премиерот Мицкоски, таквите реакции доаѓаат од тоа што се плашат тие од новите услови.

– Тие, всушност, се плашат од новите критериуми за избор во звање. Досега, работевме по Законот од 2018 година и нашиот најстар и најреномиран универзитет, „Свети Кирил и Методиј“, падна за илјада места на Шангајската листа. Не знам дали сега е воопшто рангиран. Ние сакаме да воведеме повисоки стандарди во високото образование, особено во делот на научната работа и професорските обврски – нагласи Мицкоски.

Ублажени критериуми, но мора да се работи

Тој потсети дека по јавната расправа, делумно се намалени критериумите за избор во научните звања, при што научните трудови за одредени струки, освен во базата на Web of Science, ќе може да се објавуваат и во базата Scopus. Во претходната, прва верзија на законот, за добивање наставно-научни звања од филологијата, фолклорот, археологијата, етнологијата и од национална историја, било предвидено објавување на предвидените научни трудови и во базата Scopus. Но, во новата верзија значително е проширена листата на областите што ќе можат да се објавуваат во базата на Scopus и таа ги опфаќа „хуманистичките и општествените науки“. Ублажени се и критериумите за добивање магистри и доктори на науки. Наместо првично предложениот услов, кандидатите за магистри да мора да имаат објавено два научни труда како прв автор од истата област, нема такво барање во новата законска верзија. За докторат, пак, наместо претходното објавување три научни труда како прв автор, сега ќе се бараат два научни труда како прв или автор за кореспонденција, од кои еден во списание со фактор на влијание во базата во Web of Science. За општествените и хуманистичките науки, пак, ќе биде можно објавување во базата Scopus.

Според премиерот, ова бара работа, а не нејзино избегнување. Тој додаде дека Владата веќе ги зголемила платите во високото образование преку колективен договор, но дека мора да биде проследено тоа со поголеми резултати и ангажман.

– Оние што се плашат од новите критериуми сакаат да работат еден ден во неделата, да земаат плата од 120.000 денари, а да не напишат еден труд во годината. Што им е тогаш работата?! Тоа е исто како јас, премиер на Владата, да доаѓам само еден ден во неделата на работа, но да барам десет пати поголема плата и да не сносам никаква одговорност за ништо во државата. Знам дека ќе има критики, иако и јас сум редовен професор. Но, суштината е таа, професорите не сакаат да работат, сакаат да имаат шест часа неделно и да ги завршат во еден ден, да не напишат ниту еден научен труд, а да земаат од 130 до 150 илјади плата. Не знам што повеќе да направиме. Мора да работат ако сакаме да имаме иднина како држава, мора да се зафатат со работа – рече Мицкоски. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ