петок, ноември 6, 2026
Дома КУЛТУРА Премиера на македонскиот кандидат за Оскар „17“ на 26. Скопски филмски фестивал/ФОТОГАЛЕРИЈА

Премиера на македонскиот кандидат за Оскар „17“ на 26. Скопски филмски фестивал/ФОТОГАЛЕРИЈА

42
Фото: П. Стојановски

Скопската публика, вечерва во Македонскиот народен театар (МНТ), со силен и долг аплауз го награди филмот „17“ на Косара Митиќ, кој ја имаше својата македонска премиера во рамки на 26. Скопски филмски фестивал.

Филмот кој е инспириран од вистински настан, и ја следи Сара, која се обидува да ја скрие својата бременост од своите соученици во текот на својата матурска екскурзија, никого не остави рамнодушен.

-Многу сум среќна што „17“ е конечно дома. Овој филм им припаѓа на оние коишто го создадоа, на моите глумци, на мојата екипа, безкрајно им благодарам за тоа што целосно се вложија. Им благодарам и на сите оние коишто веруваа во „17“ уште од самиот почеток, рече режисерката Митиќ.

Филмот кој ја третира темата за сексуалното насилство кај адолесцентите, но и општествената апатија и системските пропусти, претставува емотивно суров увид во созревањето, личните борби и предизвиците на новата генерација.

Екипата на филмот по проекцијата се поклони пред публиката во МНТ.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Петар Маниќ и Ана Стојановска. Продуцент е Томи Салковски, кинематографер Наум Доксевски, сценографијата е на Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф е Жаклина Крстевска, а монтажер – Владимир Павловски. Другите улоги во филмот ги играат: Ева Стојчевска, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Симеон Дамевски.

Режисерката Митиќ сценарио го потпишува заедно со хрватскиот режисер и сценарист, Огњен Свиличиќ. Филмот „17“, во продукција на „Црна мачка“, е македонско-српско-словенечка копродукција.

Како што е познато, својата светска премиера „17“ ја имаше во рамките на селекцијата „Перспективи“ на годинашниот 76. Берлински филмски фестивал, а оттогаш филмот се прикажа на повеќе фестивали и се закити со значајни награди.

Долгометражаното деби на Митиќ е македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата за Најдобар меѓународен игран филм.

Од 6 ноември, остварувањето ќе може да се види и на редовниот репертоар во „Синеплекс“ во Скопје.

 

ИЗДВОЕНИ