вторник, јули 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Преговорите за Изборниот законик повторно во ќор-сокак, дијаспората останува главен камен на...

Преговорите за Изборниот законик повторно во ќор-сокак, дијаспората останува главен камен на сопнување

Договор единствено за распределба на парите за кампања

0

Иако има согласност за распределбата на буџетските средства за изборните кампањи, партиите не успеаја да ги приближат ставовите за начинот на гласање на дијаспората, за една изборна единица и за одлучувањето во ДИК.

Уште еден обид за политички договор околу новиот Изборен законик заврши без резултат. И покрај неколкучасовните разговори меѓу координаторите на пратеничките групи во Собранието, најспорните прашања остануваат непроменети: моделот на гласање на македонските државјани во дијаспората, една изборна единица и начинот на кој ќе ги носи Државната изборна комисија одлуките поврзани со спроведувањето на новите правила.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврди дека е подготвена да ги прифати сите предлози на опозициските партии – од една изборна единица до моделот за финансирање на политичките партии – доколку биде прифатено дијаспората да добие можност да гласа по пошта. Владината коалиција предлага деталите за ова гласање да бидат регулирани со подзаконски акт на Државната изборна комисија најдоцна до 30 септември 2028 година.

– Сето тоа што ќе го договорат Левица, СДСМ, ДУИ и другите помали опозициски партии – од аспект на финансирањето, една изборна единица, поплаките и моделот на гласање на дијаспората, ние ќе го прифатиме, сè додека биде прифатен нашиот став дека дијаспората треба да може да го оствари уставно гарантираното право на глас – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Од СДСМ возвратија дека не се против гласањето на иселениците, туку против модел кој, според нив, отвора простор за изборни манипулации.

– Откако им пропадна обидот за електронско гласање без контрола, сега се обидуваат да воведат гласање по пошта, повторно без безбедносни гаранции и без механизми за заштита на слободната волја на граѓаните. Не сме против дијаспората да гласа, туку против модел кој отвора врата за изборен грабеж – соопшти СДСМ, повторувајќи дека ДИК треба со консензус да ги носи правилата за гласање на дијаспората.

Левица останува на ставот дека е можен компромис само доколку се воведе една изборна единица. Лидерот Димитар Апасиев предлага прво да се тестира гласањето по пошта на претседателските избори, а не и на парламентарните, додека електронското гласање категорично го отфрла поради ризиците од злоупотреби.

– Хроничен проблем на македонското изборно законодавство е немањето една изборна единица. На секои избори сме оштетени за тројца до четворица пратеници поради сегашниот модел – изјави Апасиев.

По неуспешните разговори, од опозициската ДУИ оценија дека практично се завршени преговорите. Пратеничката Рина Ајдари ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека се повлекла од претходно договорените решенија за електронско гласање на дијаспората и за носење на подзаконските акти во ДИК со консензус.

– Ова е неприфатливо, бидејќи отвора простор за политички инженеринг и за надгласување. Сметаме дека ова е крај на преговорите и дека државата, најверојатно, ќе оди на избори со постојниот Изборен законик – изјави Ајдари.

И покрај разидувањето околу клучните политички прашања, работната група успеала да постигне согласност за распределбата на буџетските средства за изборните кампањи. Предлогот предвидува 97 проценти од средствата да се распределуваат според бројот на освоени пратенички мандати, а три проценти да бидат наменети за партиите и за групите избирачи без претставници во Собранието. Од тие средства, по 42 проценти би добиле двете најголеми партии од власта и од опозицијата, осум проценти партиите со пратенички групи, пет проценти партиите без пратенички групи, а три проценти вонпарламентарните партии и групите избирачи.

Иако распределбата на средства е речиси затворено прашање, разговорите повторно покажаа дека токму гласањето на дијаспората останува најголемата политичка пречка за постигнување договор. Без компромис околу ова прашање, неизвесно е дали ќе биде усвоен нов Изборен законик, кој е една од преостанатите обврски од реформската агенда на државата. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ