Цел август и половина од септември термините за прегледи за спортска медицина во двете установи во Скопје, во Здравствениот дом и на Институтот за медицинска физиологија, се зафатени, па многу од родителите се принудени да одат на приватно.
Со почнувањето на спортските тренинзи, учениците задолжително ги прават прегледите два пати во годината, на секои шест месеци. Слично како кај задолжителните систематски прегледи, се мерат висината и тежината на детето, а клиничкиот преглед опфаќа: `рбет, скелетна мускулатура, потоа дишење, крвна слика, пулс, крвен притисок, ЕКГ на срце, стрес-тест. Резултатите се задолжителни и треба да се однесат во спортските клубови пред започнување на новата сезона. Што значи, без потврда од докторот по спортска медицина, детето не може да почне со тренинзи. Но, термини нема ни за лек, а сликата кога ќе отидете во здравствената установа е друга: празен ходник и долг список со имиња и презимиња закажани на секои 15-20 минути од работното време на медицинските лица.
– Побарав термин кај матичниот лекар на детето, ни беше кажано дека нема цел август и тамам бевме решени да одиме на приватен преглед, кој чини од 1.000 до 1.500 денари во зависност од пакетот, ни се јавија да одиме утре, се ослободил термин во 13:20 часот, под Кале. Таму се задржавме околу 45 минути сосе прегледот, но никој не се појави ниту пред ниту по нашиот термин. Малку чудно ни дојде, бидејќи ни беше кажано дека нема место – раскажува родител чие дете тренира ракомет.
Весникот ВЕЧЕР побара објаснување за ваквата состојба од Управата за електронско здравство. Директорот Фикрет Шабани вели дека се свесни за проблемот, дека се дефицитарни ваквиот вид специјалисти и дека една година работат на изнаоѓање решение.
– Мислам дека скоро ќе донесеме одлука за ова прашање. Станува збор за специјалистичка гранка за која имаме мал број доктори. Моментално, термините за матичните лекари се отвораат од први до петти во месецот, а директорите на здравствените установи ги одобруваат на десетти. Проблемот се јавува бидејќи е задолжително да се прават контролите за вакви прегледи на шест месеци и некои од родителите не чекаат и ги носат приватно и затоа листата останува долга. Бараме солуција зошто е така тоа. Термините се гледаат во реално време, но ние немаме пристап до листите кај матичните лекари и не можеме да ги контролираме, за разлика од листата на здравствената установа, која е јавно достапна. Треба да има еднаквост за сите пациенти. Едно од решенијата за кое сме на ум е да се направи на централно ниво, тој што ќе биде прв, да оди и прв на преглед – вели Шабани.
Според Управата за електронско здравство, која е надлежна за системот „Мој термин“, пациентите мора да бидат одговорни и да ги откажуваат термините за кои се премислиле.
– Тука морам да нагласам дека мора да се донесе некој правилник, да стане задолжително откажувањето на терминот. И сега е тоа така, но е оставено на свеста за одговорност. Засега казните не се материјални, тука само како укор. Ќе се почне да се менува токму од овие специјалистички прегледи, како спортска медицина, бидејќи тука немаме многу ресурси или медицинска опрема – вели директорот Шабани.
Додека Управата најавува промени во начинот на закажување и построги правила за неодјавените термини, родителите и понатаму се соочуваат со избор: да чекаат со недели за слободен термин или да платат приватен преглед за нивното дете навреме да може да ја почне новата спортска сезона. Недостигот од специјалисти по спортска медицина не е нов проблем. Во земјава нема доволен број вакви лекари и постојниот кадар не ги покрива потребите во Скопје и во помалите градови. (П. А.)












