четврток, јули 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ГИ ЧЕСТВУВААТ ПРАЗНИЦИТЕ ПОСВЕТЕНИ НА СПОМЕНОТ НА ПОЧИНАТИТЕ И НА...

ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ГИ ЧЕСТВУВААТ ПРАЗНИЦИТЕ ПОСВЕТЕНИ НА СПОМЕНОТ НА ПОЧИНАТИТЕ И НА ЖИВОТОТ: Задушница е плачот на човештвото, а Духовден празник на животот

Тоа се празници што следуваат еден по друг и се различни по својот карактер, но се надоврзуваат еден на друг, откривајќи ги суштинските димензии на христијанското учење. Нивното последователно чествување било причина што народот, низ вековите, ги поврзал двата празници. – Задушница е плачот на човештвото, а Духовден е божествениот одговор на тој плач. Светиот Дух не доаѓа за да нè задржи во гробовите, туку за да нè извади од нив. Затоа Педесетница е празник на животот, а не на смртта. Двата дена се различни по својот карактер, но се неразделни во тајната на спасението: Задушница нè потсетува кои сме и кого сè сме изгубиле низ историјата, а Духовден ни открива каде, сите ние заедно, ќе бидеме во вечноста – објаснува сестра Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарска Рајчица

1279

Задушница е плачот на човештвото, молитвен спомен за починатите, а Духовден е божествениот одговор на тој плач и откривање каде, сите ние заедно, ќе бидеме во вечноста. Ова е суштината на двата значајни празници што утре и задутре ќе ги одбележат православните христијански верници во Македонија. Тоа се празници што следуваат еден по друг и се различни по својот карактер, но се надоврзуваат еден на друг, откривајќи ги суштинските димензии на христијанското учење. Нивното последователно чествување било причина што народот, низ вековите, ги поврзал, па дури и почнал со чествување на погрешни начини. Оттаму, и утрешното одбележување на празникот Задушницa, односно задутрешното чествување на Духовден (Педесетница) или празникот на слегувањето на Светиот Дух е можност одново да се укаже на нивната суштина, која има длабока симболика. Вообичаено се вели дека Задушница е ден кога се одбележува споменот на починатите блиски, преку принесување жртви во форма на пченица, леб, вино и молитва за нивната душа. На таков начин, на тој ден што секогаш се одбележува во сабота, Црквата ги возобновува врските што смртта привидно ги прекинала и се моли и за душите на порано упокоените благочестиви христијани, бидејќи Црквата не ја сочинуваат само живите туку и сите оние што заспале во верата.

Сестра Ефимија од манастирот „Свети великомаченик Георгиј“ во Рајчица, која е дипломиран теолог, ни објаснува дека споменот за починатите никогаш не бил формален обреден долг.

– Споменот за покојните, кој денес толку лесно се маргинализира и заборава, за Православната црква никогаш не претставувал само пасивна или тажна  носталгија, формален обреден долг, ниту, пак, обично психолошко сеќавање на минатото. Напротив, тој е живо, динамично воведување на саканите во вечното Божјо присуство, чист чин на љубов и глас на верата дека смртта не е апсолутен крај, туку премин; не е конечна разделба, туку свештено и трпеливо чекање на сеопштата обнова во Христа. Ова исчекување, всушност, претставува длабок копнеж на целото создание за есхатолошката полнота, за денот кога смртта ќе биде конечно проголтана од животот, а сè што постои ќе ја дочека својата сеопшта, воокресна средба и обнова во Христа Богочовекот – потенцира таа во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

По таквиот утрешен празник, задутре, в недела, се одбележува Духовден, кој уште се нарекува и Педесетица или, пак, Слегување на Светиот Дух врз апостолите, еден од најголемите 12 христијански празници што секогаш се чествува педесет дена по Велигден. Тогаш Христовите апостоли биле оспособени да бидат Христово тело на Земјата и трансформирани во Христова црква.

– За Православната црква, ова собитие претставува историско пројавување на богочовечкото тело Христово, евхаристиска реалност во која линеарното време се допира со вечноста. Светиот Дух не слезе врз апостолите сè додека тие не постигнаа апсолутно соборно единство; следствено, Он не може да се всели во срце заробено од егоцентризам, суета и лицемерство. Напротив, Неговото присуство се прелева во човекот како духовен плод: го прави благ, тивок, отворен и вистинољубив и го оспособува да го внесе небесниот мир во немирот на овој свет – наведува сестра Ефимија.

Победа над заборавот и печат дека човековото битие е создадено за вечност

Оттогаш, па натаму, напоредно со ширењето на христијанството, се случило и своевидно слевање на двата празници, иако, теолошки гледано, станува збор за различна реалност: Задушница е денот на сострадалниот молитвен спомен за починатите, додека Духовден го означува роденденот на Црквата. Но, тоа не било случајно и токму тука лежи клучот за нивното поистоветување.

– Првата причина е онтолошката поврзаност, која Црквата намерно ја поставува. Црквата не сака да ја прослави својата полнота на Духовден, а притоа да ги изостави оние што телесно веќе не се со нас. Светиот Дух доаѓа да го собере и обнови целото човештво – и живите и упокоените. Затоа Задушница е поставена како праг, како молитвена подготовка. Народот, во својата едноставна, но длабока побожност, го чувствува тоа органско единство: не можеме да влеземе во радоста на Духот без молитвено да ги понесеме со себе и нашите предци. Втората причина, за жал, е поврзана со егзистенцијалниот страв. Смртта е најголемата траума за човечкото битие и силна болка за оние што преку неа се одвоиле од своите блиски. Поради тоа, во народната свест, видливиот настан – одењето на гробишта, коливото, споменот за најблиските што се упокоиле – честопати има поголема психолошка тежина од невидливата реалност на слегувањето на Светиот Дух – наведува сестра Ефимија.

Таа ја објаснува суштинската теолошка разлика:

– Задушница е плачот на човештвото, а Духовден е божествениот одговор на тој плач. Светиот Дух не доаѓа за да нè задржи во гробовите, туку за да нè извади од нив. Затоа, Педесетница е празник на животот, а не на смртта. Двата дена се различни по својот карактер, но се неразделни во тајната на спасението: Задушница нè потсетува кои сме и кого сè сме изгубиле низ историјата, а Духовден ни открива каде, сите ние заедно, ќе бидеме во вечноста.

 

Оттаму и различностите во начините на кои се одбележуваат Задушница и Духовден. Правило е Задушница да се одбележи во знакот на молитвеното тихување и литургиското сеќавање. На овој ден, односно во петок попладне и во сабота наутро, живите, со коливо во рацете, доаѓаат најпрво во храмовите за да направат помен за своите ближни упокоени, а потоа ги посетуваат и нивните гробови.

– Во целото богослужение провејува една воскресна надеж, како директен антипод на минливоста на овој земен живот. Овој ден се одбележува со победа над заборавот, со литургија на љубовта и печат дека човековото битие е создадено за вечност, а не за ништожност. Ова се случува на прагот на Педесетницата, кога ние преку молитвата, всушност, го подготвуваме просторот за и упокоените да бидат прегрнати од животворниот и божествен здив на Духот – наведува сестра Ефимија.

Следниот ден, пак, на Педесетница, Црквата, која тогаш го одбележува својот роденден, изразува една поинаква, празнична и победоносна енергија. Празникот Педесетница никако не смее да се помине во тага или, пак, на гробишта, туку задолжително во храмот, на литургија, по која следува специфичната вечерна богослужба.

– Нашиот Творец совршено го промислил човечкиот пат. За нас, кои сме ограничени во времето, ова е период на раѓање, растење и себеосознавање, но и на премин преку вратата на смртта, која Христос веќе ја победи и уништи. Токму затоа, додека Задушница нè соочува со нашата минливост, на Духовден ние веќе ја претвкусуваме слободата на „невечерниот ден“ во идното царство. Таму, духовниот свет и ние, кои сè уште чекориме на земјата, стануваме едно во Господа, исполнувајќи се со живиот внатрешен оган на Утешителот – вели таа.

Раздавањето храна по гробишта честопати се претвора во невкусен обичај

Во народната традиција е всадено празникот Задушница да се одбележува и со раздавање на храна по гробиштата, што често повлекува и дилеми дали е правилно тоа. Црквата од своја страна јасно поучува дека е сосема доволно да се донесе на гробишта коливо, вино и леб, кои имаат литургиска и симболичка смисла. Сè друго е поправилно да се даде таму каде што навистина има потреба: на социјално загрозените семејства или на луѓето во мака. Сестра Ефимија објаснува дека традицијата на раздавање храна за душа на починатите има свои корени во раното христијанство и дека во својата изворна христијанска смисла, раздавањето храна било акт на милосрдие.

– Идејата била едноставна и благородна: семејството на починатиот подготвувало храна за да ги нахрани сиромашните, вдовиците, патниците и оние во потреба, кои потоа, за возврат, со благодарно срце, би се помолиле за душата на неговиот упокоен близок. Меѓутоа, со текот на времето, оваа прекрасна духовна практика претрпи сериозна девијација. Денес, раздавањето храна по гробишта честопати се претвора во невкусен обичај на изобилство, каде што тивкиот повик за молитва е заглушен од бучавата на празните разговори. Затоа најдобриот начин да се одбележи Задушница започнува со свеста дека на упокоените не им се потребни храна и пијалаци, туку нашата жива молитва и љубов. Наместо да го трошиме денот во подготовка на трпези, подобро е да го посветиме на присуство на литургија, на правење добри дела во спомен на оние што нè претекнале во вечноста. Токму преку литургиската молитва станува очигледно дека во Христа се бришат границите помеѓу овој и оној свет: сè се соединува низ љубовта, која никогаш не престанува – објаснува таа.

Од друга страна, чествувањето на овие празници го повлекува и прашањето кај верниците како треба да се чува споменот на починатите лица. Теолозите објаснуваат дека смртта на ближниот секогаш ги создава најдлабоките човечки рани и таа болка сите ние, барем еднаш, сме ја почувствувале. Сепак, според теолозите, за христијанинот, смртта никогаш не смее да биде безнадежно збогување. Таа не е крај на воспоставената релација, туку преобразба и почеток на еден нов, повозвишен однос со упокоените, бидејќи нивното физичко отсуство не значи исчезнување во ништожност. Напротив, во Христа, нашиот однос со упокоените се преселува од сферата на сетилното во сферата на чистото духовно заедништво.

– Оние што биле заедно во љубовта на овој свет, остануваат трајно поврзани во вечноста. Колку и да е тешко да се разбере, а тешко е знам, смртта создава само привидна просторна оддалеченост, додека во духовниот простор на Црквата ние продолжуваме да резонираме на иста фреквенција со нашите предци. Нашата молитва за нив е токму тој квантен пренос на љубовта, кој не познава граници помеѓу материјалното и духовното – вели сестра Ефимија.

Тука е и прашањето како да го живееме нашиот земен живот во кој знаеме дека ни се наближува и моментот на смртта.

–Смртта на ближниот секогаш ги создава најдлабоките човечки рани и таа болка сите ние, барем еднаш, сме ја почувствувале. Сепак, за Христијанинот смртта никогаш не смее да биде безнадежно збогување. Таа не е крај на воспоставената релација, туку преобразба и почеток на еден нов, повозвишен однос со упокоените, бидејќи нивното физичко отсуство не значи исчезнување во ништожност. Напротив, во Христа, нашиот однос со упокоените се преселува од сферата на сетилното во сферата на чистото духовно заедништво.

Во контекст на оваа нераскинлива врска, дури и модерната наука нуди прекрасна аналогија преку Дираковата равенка. Овој математички принцип го дефинира феноменот на квантна заплетеност: ако две честички стапат во меѓусебна интеракција, а потоа се разделат, тие засекогаш престануваат да бидат независни системи. Што и да ѝ се случи на едната, во истиот миг влијае врз другата, без оглед на оддалеченоста. Преведено на јазикот на теологијата, ова е научен одраз на она што Црквата го  живее со векови: оние кои биле заедно во љубовта на овој свет, остануваат трајно поврзани во вечноста. Колку и да е тешко да се разбере – а тешко е, знам – смртта  создава само привидна просторна оддалеченост, додека во духовниот простор на Црквата, ние продолжуваме да резонираме на иста фреквенција со нашите предци. Нашата молитва за нив е токму тој квантен пренос на љубовта, кој не познава граници помеѓу материјалното и духовното. А како да го живееме животот во сенка на сопствената смрт? Свеста дека и нам ни се приближува моментот на смртта не треба да нè води кон парализирачки страв, туку кон она што Светите отци го нарекуваат „паметење за смртта“. Ова паметење не е депресивно размислување за гробот, туку најдобар филтер за вредностите во нашето секојдневие. Кога сме свесни за сопствената минливост, тогаш секој миг ни станува скапоцен, секоја средба со ближниот уникатна, а секое дело одговорност пред вечноста. Тоа нè учи да живееме чесно, да простуваме брзо и да љубиме посилно, знаејќи дека овој земен живот е само претсобје, кратка подготовка за патувањето кон невечерниот ден на идното Царство, каде што разделби повеќе нема да постојат– потенцира сестра Ефимија. (Б. Ѓ.)

Ноќното престојување на гробишта е неоправдано

Дилеми кај верниците се јавуваат и околу оправданоста на обичаите со кои во некои краишта се оди на гробишта навечер и се останува речиси цела ноќ.

– Од теолошка гледна точка, ноќното престојување на гробишта во пресрет на Духовден е наполно неоправдано, непотребно и туѓо на православниот дух. Овој обичај, кој, за жал, сè уште е задржан во одредени краишта, претставува рецидив од претхристијанските, пагански култни верувања за починатите. Во основата на оваа практика лежи погрешното сфаќање дека на овој ден душите на мртвите „излегуваат“ од гробовите и дека живите треба физички да ги чуваат или да бидат во нивна близина преку ноќта. Ваквите обичаи честопати носат со себе непотребен мистицизам и страв, кои ја засенуваат вистинската порака на празникот. Православната црква јасно поучува дека душите на упокоените не престојуваат во земјата, ниту, пак, се врзани за гробовите; таму почиваат само нивните телесни останки. Кога станува збор за правилното чествување на Духовден, не знам за друг пат, освен за оној што извира од светото предание и богатата светогорска богослужбена практика, која во целост е застапена во Бигорскиот манастир. Имено, во ноќта во пресрет на Духовден, ние отслужуваме сеноќно бдение. Таму, во тој божествен примрак и свештена тишина, се потсетуваме дека секој од нас е повикан да излезе од личниот егоизам и лицемерство и да зачекори во просторот на христијанската љубов и еднодушност.

Зашто Духовден се чествува токму така, со тоа што ќе дозволиме Светиот Дух да не остави ништо исто во нас, преобразувајќи нè од збунети, вознемирени, исплашени и минливи суштества во храбри сведоци на Воскресението и жители на идното Царство.

Во овој контекст, помнам дека мојот Старец на една Педесетница рече: „На сите нас ни е потребна утеха, особено кога сме во мака, во збунетост, во притеснение, во вознемиреност. Светиот Дух се нарекува уште и Утешител. И што може да биде поубаво од тоа: имаме Бог Кој е Утешител! Светиот Дух, Кој нѐ погали и влезе во нашите срца на Крштението, и Кој пребива на секоја Света Литургија и во сите свети тајни на Црквата, од Самиот Син Божји е наречен ‘Дух Утешител’“ – наведува сестра Ефимија.

ИЗДВОЕНИ