сабота, јули 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Пожар на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма – Валандово, сомневање...

Пожар на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма – Валандово, сомневање дека е подметнат

15

Пожар избувна денеска напладне на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма во Општина Валандово, а локалната самоуправа изрази сомневање дека огнот е намерно подметнат.

Според информациите од Општина Валандово, пожарот бил пријавен во 12:37 часот, по што на местото веднаш интервенирале екипи на Територијалната противпожарна единица Валандово. Пожарот во моментов е ставен под контрола, но неговото целосно локализирање е отежнато поради непристапниот терен.

Од Општината посочуваат дека првичните сознанија упатуваат на тоа дека не станува збор за случаен пожар, туку дека лицето кое го предизвикало, добро го познавало теренот и избрало локација каде што противпожарните екипи најтешко можат да интервенираат.

Паралелно со гаснењето на пожарот, од ТППЕ Валандово повторно апелираат граѓаните да не палат стрништа и други површини на отворено, потсетувајќи дека таквите постапки се казниви и претставуваат сериозна опасност за луѓето, имотот и животната средина.

Од противпожарната единица најавуваат дека против секое лице кое ќе биде затекнато или пријавено дека пали стрништа, ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежните институции.

Надлежните ги повикуваат граѓаните секој забележан пожар веднаш да го пријават на телефонските броеви 193 или 112.

Овој пожар се случува само неколку дена откако Општина Валандово најави засилени мерки за превенција, вклучително и поинтензивни контроли и патроли на критичните локации. Воедно, потсетуваат дека и понатаму е во сила забраната за движење во шумите, освен за лицата кои поседуваат соодветна дозвола од ЈП „Национални шуми“.

ИЗДВОЕНИ