Очевидци зборуваа за драматичниот инцидент на летот на „Рајанер“ од Солун до Меминген, Германија, откако дефект на моторот наводно го оштетил трупот на авионот и ги скршил прозорците, при што 60-годишен српски патник кој седел до прозорецот делумно бил надвор од авионот поради тешка декомпресија.
Според исказите на патниците, инцидентот се случил приближно 30 до 40 минути по полетувањето од аеродромот „Македонија“ во Сколун на небото над Македонија. Во кабината настанала паника, патниците морале да стават маски за кислород, а неколку од нив се обидувале да го држат повредениот човек за да не го извлече негативниот притисок од авионот.
Сопругата на повредениот патник ги опиша драматичните моменти за грчката телевизија МЕГА.
„Бевме во воздух 30 до 40 минути. Во еден момент, стаклото се скрши. Мојот сопруг седеше до прозорецот. За среќа, носеше сигурносен појас за време на летот. Половина од неговото тело заврши надвор од авионот, кошулата му летна, маските за кислород му паднаа, никој не можеше ништо да направи, сите плачеа“, рече таа.
Видео од патничката кабина, објавено од МЕГА, покажува скршен прозорец кој привремено бил блокиран од парче багаж. На седиштето до отворот седел згрбавен маж, за кој се вели дека е повредениот 60-годишник. Еден од патниците опишал како патниците се обиделе да ја спречат трагедијата.
„Јас и мојот сопатник го фативме и го држевме. За среќа, друг господин дојде од блиското седиште набргу потоа и го држевме за рака, додека половина од неговото тело беше надвор од авионот“, рекла таа.
Според патниците, на сè му претходел дефект на моторот . Наводно, дел од него се откршил и удрил во прозорецот до седиштето на српскиот патник. „Се слушна силен тресок, би рекол како да пукнала гума, само многу погласен. Веднаш сфативме дека имало декомпресија бидејќи авионот почнал да губи висина. Се слушаа вресоци, вресоци и извици. Девојките што седеа до српскиот патник веднаш го зграпчија. За среќа, тој не го симна безбедносниот појас бидејќи речиси целиот горен дел од телото веќе му беше надвор од прозорецот“, рече еден од патниците.












