недела, септември 13, 2026
Дома СВЕТ Португалија бара пари од ЕУ за кози, овци и говеда кои помагаат...

Португалија бара пари од ЕУ за кози, овци и говеда кои помагаат во спречување на пожарите

0

Португалија побара ЕУ во следниот долгорочен буџет да издвои средства за земјоделците кои користат кози, овци и говеда за пасење на растителноста во областите со висок ризик од шумски пожари.

Португалскиот министер за земјоделство Жежозе Мануел Фернандеш изјави дека пасењето на домашните животни би можело да придонесе за намалување на количеството растителност што го погодува ширењето на пожарите, наведувајќи дека Португалија и одделни региони во Шпанија веќе спроведуваат такви програми.

„Ги користиме нашите национални пари, но тоа е работа што ја вршиме за целата Европска Унија“, изјави Фернандеш за Политико на неформалниот состанок на министрите за земјоделство во Даблин.

Тој оцени дека спречувањето на шумските пожари придонесува и за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Фернандеш рече дека 42 проценти од средствата од Заедничката земјоделска политика на ЕУ се наменети за еколошки цели.

Тој предложи средствата за програмата за пасење да се обезбедат од системот на ЕУ за трговија со емисии, познат како ETS.

„Ако парите од ETS ги давам на секторот за сообраќај за да ги намали емисиите, зошто да не дадеме пари и за овој фонд, во чии рамки имаме и цивилна заштита?“, рече Фернандеш.

Барањето на Португалија уследи пред преговорите за следниот повеќегодишен буџет на ЕУ, додека одделни држави членки заговараат намалување на издвојувањата за традиционалните области, вклучувајќи ги земјоделството и кохезионата политика, потсетува Политико.

ИЗДВОЕНИ