Едно лице е повредено во пожар кој поладнево избувна под скопското Кале каде горела сува трева, смет и паркирани автомобили, соопшти МВР.
Пет патнички возила биле зафатени во пожар што избувна попладнево на улицата „Лазар Личеноски“, во непосредна близина на скопското Кале, спроти Градскиот стадион.
Според информациите од Противпожарната бригада на Град Скопје, во инцидентот две возила изгореле целосно, додека кај преостанатите три е причинета делумна материјална штета.
Пожарот бил пријавен во 15:40 часот, а првичните информации биле дека горат сува трева, смет и паркирани автомобили.
Денес, околу 15:40 часот, на поранешниот полигон за обука за моторни возила (наспроти Националната Арена „Тодор Проевски“), професионалниот војник Христијан Божиновски, при заминување од работното место, забележал дека неколку паркирани возила се зафатени од пламен.
Проценувајќи ја сериозноста на ситуацијата и опасноста пожарот да се прошири врз останатите паркирани возила, војникот Божиновски веднаш стапил во контакт со командирот на воениот стадион во Скопје, барајќи поддршка за локализирање на огнот. Припадниците на Армијата кои ја извршувале должноста на воениот стадион во Скопје, веднаш пружале помош, употребувајќи противпожарни апарати од едницата.
Поради големината на пожарот, а проценувајќи дека истиот не може да се угасне, започнале со дислокација на неопожарените возила, со што успеале да го спречат ширењето на огнот, беше објавено на веб-страницата на Армијата на РСМ веднаш штом бил забележан инцидентот.
При интервенцијата, професионалниот војник Христијан Божиновски се здобил со полесни повреди на едната рака, за што му е пружена соодветна медицинска помош, информираат тие.












