Оперативци на Републиканската партија блиски до американскиот претседател Доналд Трамп, Џејмс Блер и Крис Ласивита, се соочуваат со сериозни проблеми откако беше обелоденето дека работеле на изборната кампања за СНСД и Милорад Додик.
Овие двајца најблиски стратези на Трамп, кои требаше на ноемвриските избори во САД да ја „спасуваат републиканската мнозинска позиција во Конгресот“, се најдоа „под жестоки критики од сопствената партија бидејќи пред изборите во Босна и Херцеговина (БиХ) го советувале Додик и неговиот СНСД, додека во Вашингтон ‘гореше’ поради кампањата за претстојните избори“.
„Политико“ наведува дека еден републикански стратег, чие име не се споменува, ја опишал ситуацијата со зборовите: „Ножевите се извадени“.
Според пишувањата на „Политико“, Трамп не знаел дека Блер и Ласивита отпатувале во Република Српска, а „кога дознал за тоа, телефонски разговарал со неколку советници барајќи ги нивните реакции, а потоа ѝ диктирал објава за Truth Social на Натали Харп, неговата соработничка во Белата куќа“.
Во таа објава ги нарекол Блер и Ласивита „надворешни консултанти“ кои не работат за него, што „Политико“ го оценува како „невообичаено јавно дистанцирање, со оглед на тоа што Трамп во април го фалеше Блер како ‘еден од најбистрите политички умови во земјата’ и му довери задача да им помогне на републиканците да победат на изборите“ во ноември во САД.
Трамп во објавата на својата социјална мрежа најави дека веднаш би ги отпуштил доколку се покаже дека постои судир на интереси и дека ќе побара увид во листата на нивните клиенти.
Крис Кристи, поранешниот гувернер на Њу Џерси кој размислува за нова кандидатура за Белата куќа, смета дека ова покажува дека републиканците веќе се свртуваат кон ерата по Трамп, оценува „Политико“.
Кристи изјави дека „ако вашите главни политичари не се занимаваат со изборите, туку извлекуваат пари во странска држава, тоа значи дека отишле подалеку од Трамп“.
Блер и Ласивита се блиски со шефицата на кабинетот на Трамп, Сузи Вајлс, и имаат големи заслуги за победата на Трамп во 2024 година. Меѓутоа, еден од соговорниците на „Политико“ констатираше дека ситуацијата сега е „толку лоша што ниту Сузи не можеше да ги заштити“.
„Политико“ понатаму тврди дека „двоецот е во паника“ и дека ги контактира сите соработници барајќи некој јавно да ги одбрани, но одѕивот е слаб.
Весникот исто така наведува дека со месеци расте незадоволството на Трамп од изборната стратегија на раководството на неговата Републиканска партија, а извор близок до Трамп изјави дека претседателот „веќе подолго време е лут и не поднесува кога некој заработува на неговото име, особено кога таквите луѓе го напуштаат“.
„Њујорк Тајмс“ претходно објави дека Блер и Ласивита, преку вашингтонска адвокатска фирма ангажирана од Владата на Република Српска, добиле по неколку стотици илјади долари за да му помогнат на СНСД и на Додик во изборната кампања.
Според документите поднесени до американското Министерство за правда, РС од почетокот на минатата година им исплатила повеќе од четири милиони долари на лобисти поврзани со кругот на Трамп.
Водачот на демократското малцинство во американскиот Конгрес, Хаким Џефрис, по повод пишувањата на „Њујорк Тајмс“ за ангажманот на Блер и Ласивита во БиХ, објави дека „водечките политички оперативци на движењето МАГА знаат дека републиканците ќе доживеат тежок пораз на изборите и затоа ги пренесоа своите злонамерни сплетки на подрачјето на поранешна Југославија. Бесрамно!“.












