
Претставничкиот дом на САД, во средата, усвои резолуција предложена од демократите за повлекување на американските сили од војната против Иран сè додека Конгресот не одобри понатамошни воени дејства, што е политички удар за претседателот Доналд Трамп, кој на 28 февруари ги вклучи САД во конфликтот.
Претставничкиот дом гласаше со 215 гласови „за“ и 208 „против“, при што резолуцијата беше усвоена и со гласовите на четворица републикански пратеници. Во резолуцијата се наведува дека Конгресот му наложува на претседателот да ги повлече вооружените сили на САД од непријателствата против Исламската Република Иран, но таа сепак има, пред сè, симболично значење поради правото на вето на претседателот.
Демократите во Комитетот за надворешни работи го поздравија гласањето како „силна и недвосмислена порака до Доналд Трамп од американскиот народ“ и порачаа дека е време „да се стави крај на оваа нелегална и многу непопуларна војна“. Кон крајот на мај, слична резолуција ја помина клучната процедурална фаза во Сенатот, по седум претходно неуспешни обиди, а нејзиното усвојување во горниот дом на Конгресот би можело да се случи уште оваа недела. За да се поништи ветото што би го ставил Трамп, ќе треба повторно да се гласа во двата дома, за што е потребно двотретинско мнозинство. Тоа со оглед на сегашниот состав на Претставничкиот дом и на Сенатот, е речиси невозможно.
Според Уставот на САД, само Конгресот има моќ да објави војна. Иако законот му дозволува на претседателот да почне воени операции за да одговори на непосредна закана, тој е должен да добие одобрение од Конгресот во рок од 60 дена. Сепак, на почетокот на мај, Доналд Трамп го прескокна тој рок тврдејќи дека конфликтот, кој почна на 28 февруари со воздушни напади на САД и Израел, завршил благодарение на важечко примирје. Демократите го оспоруваат тој аргумент, истакнувајќи дека американските сили сè уште се распоредени на терен за да ја спроведат блокадата на иранските пристаништа.











