Претседателот Доналд Трамп изјави дека сè уште нема донесено конечна одлука дали во живо да се емитува погубувањето на поранешниот мајор од американската армија, Нидал Хасан, кој уби 13 лица во воената база Форт Худ во Тексас во 2009 година, пренесува NBC News.

„Постојат две опции: да не се прикажува и да се прикажува. Бидејќи, знаете, можеби ако го прикажеме, други луѓе ќе се откажат од тоа да го направат она што го направи тој. Затоа јас на крајот ќе ја донесам одлуката. Знам што би сакала војската, но одлуката е моја“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа, според наводите на медиумот.

Тој зборуваше и за злосторството на Хасан, велејќи: „Тој е брутален убиец – уби 13 луѓе со ладна крв и рани повеќе од 20. Некои од тие луѓе никогаш повеќе нема да можат да живеат како порано, во вистинска смисла на зборот.“

Коментарите на Трамп уследија, како што забележува медиумот, еден ден откако тој им рече на новинарите дека „апсолутно“ го поддржува планот за емитување на погубувањето во живо – план објавен претходно таа недела, кој предизвика сомнежи и критики дури и меѓу членовите на неговата сопствена Републиканска партија.

Воените претставници во понеделникот објавија дека Хасан, кој беше осуден на смрт во 2013 година, ќе биде погубен од стрелачки вод во декември. Во четвртокот, секретарот за одбрана Пит Хегсет изјави дека погубувањето ќе се емитува во живо, што предизвика загриженост дека Хасан би можел да биде претставен како маченик во очите на другите кои сакаат да извршат масовно насилство.

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс во петокот изјави дека не е сигурен дали федералната влада ќе го емитува погубувањето во живо, додавајќи дека дури и да се случи емитување, тој нема да го гледа настанот.

Истиот ден, неколку републикански конгресмени изразија загриженост поради идејата јавно да се емитува погубувањето на осуденикот.

ИЗДВОЕНИ