Општина Бутел информираше дека во населеното место Бутел 2, на земјиште во државна сопственост, во моментов се одвиваат почетни градежни активности. Истакнаа дека до овој момент имале пријави од над десетина загрижени граѓани од населеното место Бутел 2.
Притоа ги предупредуваат лицата кои во моментов преземаат почетни градежни активности на државното земјиште веднаш да ги запрат сите понатамошни активности до утврдување на законитоста на градбата.
– Доколку се утврди дека станува збор за бесправна градба и активностите продолжат, Општина Бутел, во координација со Министерството за внатрешни работи, веднаш ќе постапи во рамките на своите надлежности и ќе ги преземе сите законски мерки, вклучително и поднесување кривична пријава до надлежните органи и отстранување на сè што е бесправно изградено, согласно со законските процедури – потенцираат од локалната самоуправа, наведувајќи дека државното земјиште не е ничија приватна сопственост.
Воедно се децидни дека нема да се толерира узурпација на државно земјиште и незаконско градење.












