Денеска почнува реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Станува збор за прва поголема реконструкција на аеродромот откако е изграден во 1952 година, додека последните помали интервенции беа направени со модернизацијата во 2011 година.
На официјалниот почеток на реконструкцијата присутни ќе бидат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Министерот Николоски неодамна изјави дека објектот не бил легализиран до скоро и дека со реконструкцијата очекува повеќе летови и патници.
Охридскиот аеродром во моментов опслужува десетици дестинации, претежно сезонски, главно кон европски градови. Со реконструкцијата се очекува да се зголеми атрактивноста на аеродромот и да се привлечат нови авиолинии.












