Општина Центар почна со исплата на субвенциите за купен велосипед преку проектот „Цел Центар на точак“. На сметките на граѓаните веќе се исплатени првите 90 барања, а во следниот период ќе се реализираат и другите 100.
Преку оваа еколошка мерка, Општината покрива 30 отсто од сумата, односно до 3.000 денари за купување нов велосипед. Истовремено, сè уште е отворен повикот за субвенционирање дополнителна опрема за велосипеди, каде што финансиската поддршка изнесува до 1.000 денари.
– Општина Центар сосем заслужено ја носи титулата највелоопштина во државата. Први почнавме со субвенционирање на алтернативниот превоз, а по барање на граѓаните, први воведовме и поддршка за купување дополнителна опрема – изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Од локалната самоуправа велат дека проектот „Цел Центар на точак“ е директна инвестиција за одржлива урбана мобилност, поздрави навики на граѓаните и за почиста животна средина во центарот на градот.











