Во просториите на Општина Кавадарци, вчера се одржа тренинг сесија во организација на Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во рамките на проектот ECOBASE – Еколошки решенија базирани на природата за ублажување на деградацијата на почвата.
Општина Кавадарци е партнер во проектот ECOBASE, кој има за цел развој и примена на иновативни, природно базирани решенија за заштита и зачувување на почвата, како еден од најзначајните природни ресурси.
– Во рамките на обуката беа презентирани современи пристапи и добри практики за превенција и ублажување на деградацијата на почвата, како и можностите за нивна примена на локално ниво. По тој повод, Општина Кавадарци доби Благодарница за развој и промоција на решенија за зачувување и заштита на почвата од деградација, како признание за својата посветеност и активен придонес во реализацијата на проектните активности – објави градоначалникот Митко Јанчев.
Тој додаде дека Општина Кавадарци и понатаму останува посветена на спроведување на проекти кои придонесуваат за заштита на животната средина, одржливо управување со природните ресурси и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.












