
Канцеларијата на израелскиот претседател, Исак Херцог, потврди дека тој се обидува да посредува за постигнување договор за признавање вина меѓу премиерот Бенјамин Нетанјаху и обвинителството во судскиот процес за корупција, кој трае веќе седум години.
Од канцеларијата на Херцог соопштија за „Тајмс оф Израел“ дека тој и понатаму смета дека договор меѓу страните би бил најсоодветното решение. Како што наведуваат, Херцог верува дека преговорите за евентуално признавање вина се важен чекор во обидот да се постигне спогодба надвор од судницата, пред воопшто да се разгледува прашањето за помилување.
Според тој извештај, претседателот во овој момент не планира да го одобри барањето за помилување на Нетанјаху и смета дека постојат и други можности, освен едноставно прифаќање или одбивање на барањето. Сепак, не се наведуваат детали за тоа како би изгледал можниот договор за признавање вина.











