По прашањето што го отвори весникот Вечер – дали гостиварци треба да плаќаат сметки за вода што со недели не смеат да ја пијат – се огласи и Народниот правобранител. Оттаму му препорачуваат на Советот на Општина Гостивар да донесе одлука со која граѓаните ќе бидат ослободени од плаќање на водата за периодот додека таа не е безбедна за пиење. Според Правобранителот, во услови кога водата не може да се користи за основната намена, граѓаните не треба да ги сносат трошоците за услуга што не им е обезбедена во согласност со стандардите за безбедност.
Во меѓувреме, анализите на водата продолжуваат и во текот на викендот, а првичните резултати од мострите земени во четвртокот се очекуваат да бидат готови во сабота, додека конечните во недела. Испитувањата паралелно се вршат во три лаборатории, а мостри се земаат од седум локации во водоводната мрежа.
„Работите се обемни, анализи се вршат во три лаборатории и продолжуваат и во текот на викендот. Кога ќе ги имаме резултатите, најпрво ќе го известиме Кризниот штаб“, изјавила таа за порталот Гостиварпресс. Според Аневска во моментов најголем предизвик не е квалитетот, туку недоволната количина на вода во водоводната мрежа, односно малиот притисок на вода.
Од Општинскиот кризен штаб соопштија дека состојбата со водата постепено се подобрува и дека бактериолошката контаминација се намалува. По хиперхлорирањето, сега се намалува концентрацијата на хлор за да се утврди каков ќе биде квалитетот на водата при вообичаено ниво на дезинфекција. Токму резултатите од анализите што се очекуваат во наредните денови ќе бидат клучни за одлуката дали ќе биде укината забраната за користење на водата за пиење и подготовка на храна.
Во интервју за Њусмакс Балкан, министерот за здравство Сашо Клековски во врска со епидемијата изјави дека досега се регистрирани повеќе од 4.000 заболени, од кои над 1.000 се официјално пријавени како случаи на заразна болест и за нив се спроведуваат епидемиолошки анкети. Клиничката слика кај пациентите е слична, а најчести симптоми се стомачни тегоби, дијареја и други цревни инфекции. Добрата вест, според министерот, е што во последните неколку дена бројот на новозаболени се вратил на нивото што било вообичаено пред избувнувањето на епидемијата. Во однос на квалитетот на водата, Клековски информираше дека досегашните анализи покажале присуство на повеќе различни бактерии и вируси, при што резултатите се разликувале во зависност од местото каде што биле земени примероците.
„Во повеќето наоди за водата имавме различни бактерии и вируси и токму тие ги следиме, бидејќи на различни места има различни наоди“, рече министерот.
Тој најави дека по завршувањето на акутната фаза од епидемијата, здравствените власти ќе бидат насочени кон следење на можни секундарни последици, пред сè појава на хепатит, како болест која може да се јави поради нарушени хигиенски услови. Во разговор со весникот Вечер, директорот на гостиварската болница рече дека засега нема случаи на други болести како резултат на епидемијата со водата. Крајот на епидемијата ќе биде прогласен кога повеќе нема да се регистрираат случаи поврзани со загадената вода, туку евентуалните заболувања ќе имаат други причинители, велат здравствените власти. (П.А.)












