Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, објави на „Фејсбук“ дека викендов остварил работна средба со тимот на Европската банка за обнова и развој во Македонија. – Ги направивме финалните координации за следните чекори во реализацијата и оптимализацијата на проектот за Брз автобуски превоз (БРТ). Нашите заложби се Скопје да добие модерен, брз, сигурен и еколошки јавен превоз, создаден според современите европски стандарди и реалните потреби на граѓаните. По преземањето на мандатот, преку интензивна координација со Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт, Министерството за финансии, ЕБОР и сите надлежни институции, го деблокиравме проектот што беше закочен со години. Ги отстранивме пречките и создадовме услови БРТ конечно да влезе во фаза на реализација – истакна Ѓорѓиевски

Скопјани сè уште се во очекување да добијат јавен градски превоз каков што заслужуваат. И додека се принудени со часови да го чекаат автобусот до саканата дестинација, или да бидат истоварени од него бидејќи се расипал, за да мораат да чекаат друг, сè уште ги нема најавените електрични автобуси. Се очекува третиот тендер да биде успешен, барем според последните изјави во јавноста на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, иако тој со мала доза резервираност истакна дека за резултатите од него ќе остави да соопшти заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски. Но, од Министерството за транспорт засега молчат за тоа што се случува со тендерот, иако Ѓорѓиевски обелодени дека понудите се отворени.
Но, сега, Ѓорѓиевски дава зрак надеж со информацијата дека се направени финалните координации за следните чекори во реализацијата и оптимализацијата на проектот за Брз автобуски превоз. Тој објави на „Фејсбук“ дека викендов остварил работна средба со тимот на Европската банка за обнова и развој во Македонија, предводен од директорот Фатих Туркменоглу, заедно со Билјана Милошеска и Даница Пишева-Исајловска.
– Ги направивме финалните координации за следните чекори во реализацијата и оптимализацијата на проектот за Брз автобуски превоз (БРТ). Нашите заложби се Скопје да добие модерен, брз, сигурен и еколошки јавен превоз, создаден според современите европски стандарди и реалните потреби на граѓаните. По преземањето на мандатот, преку интензивна координација со Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт, Министерството за финансии, ЕБОР и сите надлежни институции, го деблокиравме проектот што беше закочен со години. Ги отстранивме пречките и создадовме услови БРТ конечно да влезе во фаза на реализација – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека БРТ претставува стратешка инвестиција што ќе донесе побрзо движење низ градот, поголема безбедност, помал сообраќаен метеж, почист воздух и поквалитетно секојдневие за скопјани.
За да нема дилеми, по ширењето на информации во јавноста дека трасата на БРТ ќе биде по средишното булеварско зеленило, Ѓорѓиевски уште еднаш повтори дека БРТ нема да се реализира на сметка на булеварското зеленило.
– Напротив, предвидуваме дополнително зеленило и нови зелени површини. Со БРТ не само што го модернизираме јавниот превоз, туку создаваме и позелен, почист и похуман град. БРТ е само еден дел од нашата голема визија за целосна модернизација на јавниот транспорт – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој наведе дека паралелно, со Министерството за транспорт кој е носител на проектот, работат на воведување градски воз, набавка на нови 100 автобуси преку Владата која е во тек и оптимализација на мрежата на автобуски линии.
– Создаваме интегриран, функционален и современ систем на урбана мобилност, каков што Скопје одамна заслужува – заклучи Ѓорѓиевски.
БРТ беше најавен и проектиран уште во времето кога градоначалник на Град Скопје беше Петре Шилегов, па паузираше цел мандат на Данела Арсовска.
(А. П.)












