Вечерва (19 август), со почеток во 21:00 часот, на Малата сцена во Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес ќе се одржи концертен перформанс на „Пијан Славеј“ триото насловен „Нудист“. На сцената ќе настапат Бранислав Николов – глас, гитара; Пеце Брада Трајковски – електрична гитара, синтисајзер и Славчо Јовев – тапани.
„Пијан Славеј“ е авторски музичко-поетски формат на Николов, заедно со Трајковски и Јовев (тројцата членови на култната група „Фолтин“). Во срцето на овој проект е идејата да се креира една нова македонска шансона, која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век. Нивниот израз носи специфична драма, силна емоција и инспирација.
Групата е формирана кон крајот на 2021 година. Првиот настап го имаат на скопскиот „OFFest“, а веќе наредната година „Скопскиот џез фестивал“ го издава нивниот прв и епонимен мини-албум. Триото зад себе има успешни настапи на „Д-фестивал“ во Дојран, фестивалот „Druga Godba“ во Љубљана, „Српската ревија на македонскиот филм“ во Белград, „Д-фестивал“ во Штип, „Бош фестивал“ во Струмица, „Поетскиот слем“ во Прилеп, како и на други значајни фестивали во земјава.
Во 2024 година, „Скопскиот џез фестивал“ го издава и нивното второ студиско издание насловено „Нудист“, чиј материјал ќе биде изведен пред велешката публика.
Влезот за концертот е слободен. Концертот е поддржан од Министерството за култура.












