Пејачката Адријана Ацеска, која во Македонија стана популарна со големиот хит „Кеш, кеш“, па честопати поради насловот на песната ја ословуваа како Адријана Кеш иако нема ништо заедничко со девојката во песната, деновиве рипна во тавче. Таа му го кажа судбоносното „да“ на своето долгогодишно момче, Дино Филипов. Тој долго време живее и работи во Далмација, во убавиот град Сплит, каде што има сопствен бизнис. Па, ете, затоа нивната љубовна романса долг период функционираше на релацијата Скопје – Сплит. Пејачката не само што силно се вљуби во Дино туку и во градот Сплит и неговата позната рива, неговите контради, морскиот брег исполнет со палми и медитерански растенија, во Диоклецијанова палата. Во тие тесни улички низ кои постојано се слуша пријатна далматинска музика од големиот број коноби (ресторани).
Затоа и нека не ве чуди што убавата македонско-далматинска свадба на Адријана и Дино се случи токму во Сплит, на Јадранското Море. Адријана беше вистинска невеста во бела креација и со романтичен нежен бидермаер. Косата ѝ беше стилизирана во висок раскошен коњски опаш. Својот севкупен изглед го надополни со суптилна шминка и темни очила за сонце. Младоженецот Дино се одлучи за мажествена бела кошула и панталони во бојата на морски песок.
На свадбената прослава, меѓу нивните најблиски пријатели беше и пејачката Тања Јовановска, која ѝ е мошне драга другарка на невестата. Младоженците ја споделија радоста и преку фотографии од нивниот посебен ден со емотивниот натпис: „Успеавме! Ние сме сега Господин и Госпоѓа Филипов“. (Д. М.)












