Македонската естрада се простува од текстописецот Радмила Митровиќ, која според своето авторство и хитовите што ги има напишано, ја споредуваат со популарната Србинка, исто така хит-мејкерка, Марина Туцаковиќ. Радмила почина вчера, во Скопје, по долго боледување. Авторка е на бројни народни хитови. Преку емотивна објава на социјалните мрежи, веста за нејзината смрт ја сподели Тања Тајчи-Додева, позната како искрен поддржувач и голем љубител на македонската музика.
Скромна, ненаметлива, текстописец кој ги напиша најубавите и најпевливите хитови, авторка на текстот за „Свадба е голема“, додека музиката и аранжманот за оваа толку слушана песна се на нејзиниот братучед, Никола Митровиќ. Песната је пее Војо Стојановски („Цела вечер, мајко, тапани се слушаат, Јана мома оро води, свадба ѝ е денеска. Свадба е голема, денес се женам, Јана е убава мома, ја земам јас. Тапан силно нека удри, зурли нека вијат, дај од китен бардак, мајко, сите да се напијат….“)
Радмила зад себе остави пребогата музичка ризница од текстови. Меѓу нив се: „Љубице“ со Мишко Крстевски, „Сполај ти, мајко мила“ со Благица Павловска, „Егејска голгота“ со Ирена Спасовска, „Убава си како слика“ со групата „Слатка тајна“, „Пусти мерак по Маре“ со Ибуш Ибраимовски, „Свадба тетовска“ со Адријана Алачки, „Сегде појди, дома дојди“ со Благица Павловска, „Роден сум за песна“ со Марјан Коцев, „Среќна ти слава, мајко“ со Војо Стојаноски, „Малку ми се три кафани“ со Ефто Пупиновски, „Грло имам со два гласа“ со Нино Величковски, „Параходот Донке замина“ со Пепи Бафтировски, „На срце ми легнала со Војо Стојановски“ итн.
Овие и другите нејзини песни ќе останат да живеат меѓу народот како дел од македонската музичка традиција. Нека ѝ е вечна слава на Радмила, нека патува низ царството на своите рефрени. (Д. М.)












