Државниот завод за ревизија во темелното „чешлање“ на работењето на Општина Илинден што се однесува за 2024 година нотира мноштво системски неправилности и неусогласености. Ревизорите забележуваат пропусти во реализацијата на капиталните инвестиции, но и сериозни слабости во финансиското управување, евиденцијата и управувањето со имотот. Во извештајот се укажува дека законските процедури не биле доследно почитувани во урбанизмот и јавните финансии, а поради тежината на наодите ревизијата искажува неповолно мислење за финансиските извештаи и побара да се преземат итни мерки за надминување на слабостите
Изградба на локални патишта и улици без одобрение за градење, како и реконструкции на инфраструктурни објекти без соодветна проектна документација, се меѓу клучните неправилности што ги нотира Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за работењето на Општина Илинден за 2024 година.
Ревизорите укажуваат дека дел од капиталните инвестиции, вредни речиси 1,6 милиони евра, се реализирани со сериозни пропусти – без уредна градежна документација, без прецизни налози за работа и без конечни пресметки. Во извештајот се забележува дека во одредени случаи се изведувале и работи кои воопшто не биле предвидени во иницијалните планови.
Ревизорите констатирале состојби што сериозно ја доведуваат во прашање законитоста и транспарентноста на општината. Поради тежината на утврдените неправилности, ревизорите изразуваат неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година, додека за усогласеноста со законската регулатива даваат мислење со резерва за дел од буџетските сметки.
Извештајот дополнително укажува на слабости во управувањето со побарувањата. Не е утврдена нивната старосна структура, ниту е извршено вредносно усогласување за побарувања од над 57 милиони денари, за кои постои неизвесност во наплатата. Ревизијата забележува и неусогласеност меѓу даночната и сметководствената евиденција во износ од околу 648 илјади евра.
Особено загрижувачки, како што се нотира, е начинот на евидентирање на побарувањата поврзани со бесправно изградени објекти и уредување на градежно земјиште – тие се евидентираат дури по наплатата, наместо во моментот на нивното настанување. Дополнително, не се евидентирани ниту одредени приходи, како што се надоместоците за јавна чистота или договорни казни.
Ревизорите укажуваат и на сериозни пропусти во управувањето со имотот. Не е извршено соодветно евидентирање, податоците не се ажурирани, а општината не презела активности за запишување на правото на сопственост за дел од инфраструктурните објекти. Се забележува и дека не е воспоставен механизам за присилна наплата на данокот на имот, ниту пак се пресметува камата за задоцнето плаќање.
Во делот на урбанизмот, ревизијата нотира дека не се почитуваат законските рокови за постапување по барањата за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. За дел од објектите за кои има решенија за одбивање, не се преземени мерки за нивно отстранување.
Во извештајот се забележува и дека на територијата на општината се врши угостителска дејност и се поставува урбана опрема без соодветни одобренија, при што не се наплатуваат комунални такси, што директно влијае врз општинските приходи. Ревизорите укажуваат и дека распределбата на средствата за култура и спорт не е спроведена транспарентно – без јавен повик и без јасно утврдени критериуми. Неправилности се констатирани и во пресметката на платите за административни службеници, во делот на основицата за пресметување на минат труд и за време на привремена спреченост за работа поради болест, како и во постапките за јавни набавки.
Поради утврдените состојби, државните ревизори во извештајот посочуваат дека се потребни итни мерки од надлежните лица и органи, со цел надминување на слабостите и подобрување на финансиското управување и законитоста во работењето на Општина Илинден.
(С.Бл.)












