На седницата на Уставниот суд не се одлучи дали да се поведе постапка по иницијативата инспирирана од случајот со екс уставната судијка Елизабета Дуковска. Се гласаше изедначено, 4 беа „за“ и исто толку гласаа „против“ поведување. Судот ќе го почека изборот на нов уставен судија за мнозинство во одлучувањето. Ако некој од актуелните судии не го смени мислењето, многу веројатно ќе се чека изборот на Мери Дика во Собранието. На огласот, Судскиот совет ја исфрли Дуковска од игра за старото место во Уставниот суд, а ја предложи Мери Дика
Одлуката на Управниот суд да ја „одјави“ Елизабета Дуковска од функцијата уставен судија се најде на испит пред нејзините поранешни колеги. На седницата на Уставниот суд, на дневен ред се најде иницијативата поднесена по случајот со Дуковска, во која се оспорува делови од Законот за судови и Законот за управни спорови.
„Со оспорените одредби се создава системски ризик за уставниот поредок поради несоодветна и уставно неиздржана надлежност на Управниот суд да врши контрола врз акти на Собранието кои по својата природа не се управни, туку политички, што произлегуваат директно од неговата уставна функција како законодавен и политички орган“, пишува во иницијативата и се наведува дека „Одлука на Собранието за избор на судија на Уставниот суд, член на Судски совет, гувернер не претставува управен акт по својата природа и одлуката не се носи во управна постапка, туку во посебна собраниска процедура која е израз на политичка волја“.
Во суштината, иницијативата го поставува прашањето, дали Управниот суд е надлежен да ја одредува судбината на сите избрани и именувани функционери преку Собранието, Владата, претседателот на државата.
Судијата известител, Добрила Кацарска, отвори сомнеж за уставноста и законитоста на оспорените законски членови, односно предложи поведување постапка по иницијативата.
„Да нема недоразбирање, јас не сум против контрола, со оглед на тоа што 44 години го практикувам правото и сум поддржувач на тоа да има контрола, но битно е каков вид заштита треба да има, во која постапка, пред кој суд и пред кои уставни граници. Прашањето што го поставувам е дали некој смета дека премиерот на државата, Владата и Собранието се управни органи? Дали актите што ги носат се управни акти донесени во управна постапка? Одговорот е, апсолутно не! Бидејќи јавноста следи преку преносот во живо, да напомнам и да појаснам, иако за овој предмет барам поведување постапка за одредбите, не значи дека ако се поведе постапка, тоа ќе биде ’спасување’ на судијата Елизабета Дуковска, чиј избор за уставен судија беше поништен од Управниот суд… бидејќи ќе предложам укинување, а не поништување на одредбите… што би значело во иднина да не може да се повторува таква постапка“, рече судијката Кацарска.
Во дискусијата, судијата Насер Ајдари кажа дека целосно ќе го поддржи рефератот на Кацарска. Вели дека трите власти каде што се избираат јавните функционери не се управни органи, па оспорените делови од законите отвораат сериозни дилеми за границите на судската контрола и за поделбата на власта.
„Одлуките за избор и именувања не се класични управни акти, туку се уставни и политички елементи на доверба и дискреција. Дали со управниот спор се дозволува судот да навлезе во сфера која не му припаѓа, да го поништи изборот и да го врати на повторно одлучување? Дали со тоа на управниот суд му се дозволува да влијае врз изборот на јавната функција?, праша судијата Ајдари.
Во иста линија на размислување е и судијата Осман Кадриу.
„Управните спорови се однесуваат исклучиво на управно-правни односи помеѓу граѓаните и органите на управата, кои бараат заштита од Управниот суд. За тој однос станува збор кога е во прашање изборот на функционери. Со тој избор не настанува управно-правен однос. Излишно е и противуставно да се прошири надлежноста на управното судство да ги цени актите на овие власти на избор и именување и сериозно се доведува во прашање и остварувањето на функциите на собранието, Владата, претседателот“, рече Кадриу.
Сепак, Уставниот суд не донесе одлука дали да се поведе постапка по иницијативата или да се отфрли бидејќи се гласаше изедначено, 4 беа „за“ и исто толку гласаа „против“ поведување. Судот ќе го почека изборот на нов уставен судија за мнозинство во одлучувањето.
Дуковска беше избрана за уставна судијка од Собранието, како предлог на Судскиот совет. Но, шест месеци подоцна, до Управниот суд стигна тужба од Антоанета Димовска, тогаш судија во Основниот граѓански суд Скопје, а денес актуелен член на судскиот совет. Во неа, таа се жалеше дека кога Судскиот совет ја утврдил Дуковска како предлог за уставен судија, со 11 гласа „за“ од можни 13, не се изјаснил и за другите двајца спомнати можни кандидати, меѓу кои била и таа. По нејзината тужба, во мај минатата година, Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието од 10 април 2023 година за избор на Елизабета Дуковска за судијка во Уставниот суд. Жалбата не ѝ беше дозволена, а изборот за уставен судија беше вратен во Судскиот совет, каде што се објави нов оглас. Таа повторно се пријави, но сега нејзината кандидатура извиси бидејќи членовите сметаа дека немала доволно стаж, па за нов уставен судија ја предложија актуелната претседателка на Апелациониот суд, Мери Дика. (П. А.)












