Во текот на последните 20 години, Париз претрпе значителна трансформација, заменувајќи ги сообраќајниците со велосипедски патеки, додавајќи зелени површини и отстранувајќи 50.000 места за паркирање. Дел од таа придобивка беше невидлива – содржана во самиот воздух.
„Ерпариф“, независна организација која го следи квалитетот на воздухот во регионот на Париз, објави дека нивото на ситни честички (ПМ 2,5) е намалено за 55 отсто од 2005 година, додека нивото на азот диоксид е намалено за 50 отсто. Тие го припишаа ова подобрување на регулативите и јавните политики, вклучително и мерките за ограничување на сообраќајот и забраната на возилата кои најмногу загадуваат, пишува „Вашингтон пост“.
Топлинските мапи на загадениот воздух покажуваат дека пред 20 години речиси сите делови на градот биле означени со пулсирачка црвена боја – речиси секоја четврт ја надминувала границата на Европската унија за азот диоксид, кој се произведува со согорување на фосилни горива. До 2023 година, црвената зона се намали на тенка мрежа на линии што минуваат низ и околу градот и ги претставува најпрометните патишта и автопати.
Оваа промена покажува колку амбициозните политички мерки можат директно да го подобрат здравјето на жителите на големите градови. Здравствените експерти често го опишуваат загадувањето на воздухот како „тивок убиец“. И ПМ 2,5 и азот диоксид се поврзани со сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи срцев удар, рак на белите дробови, бронхитис и астма.
Од 2014 година, Париз е управуван од градоначалничката Ана Хидалго, социјалистка која е одговорна за бројни зелени политики. Таа често ја нагласува својата желба за „Париз кој дише, Париз кој е поудобен за живеење“. Нејзините предлози наидоа на отпор кај десничарските политичари, здружението на сопственици на автомобили и населението од предградијата, кои тврдат дека забраната за автомобили им го отежнува секојдневниот живот.
Меѓутоа, во март, парижаните на референдум гласаа за претворање на дополнителни 500 улици во пешачки зони. Една година претходно, Париз значително ги зголеми цените за паркирање на товарните возила, принудувајќи ги нивните возачи да плаќаат три пати повеќе од возачите на помали автомобили.
Градот, исто така, претвори еден брег на реката Сена, претходно фреквентен пат, во пешачка зона и го забрани најголемиот дел од автомобилскиот сообраќај на шопинг авенијата Ру де Риволи. Карлос Морено, професор на парискиот универзитет Сорбона и поранешен градски советник, рече дека Париз развил „урбана политика заснована на благосостојба“.