вторник, октомври 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПАРИ, ЗЛАТО И „ХЕРМЕС“ НАЈДЕНИ КАЈ УАПСЕНАТА ЕКС ФИНАНСОВА ДИРЕКТОРКА НА ЛОРАТИЈА

ПАРИ, ЗЛАТО И „ХЕРМЕС“ НАЈДЕНИ КАЈ УАПСЕНАТА ЕКС ФИНАНСОВА ДИРЕКТОРКА НА ЛОРАТИЈА

0

Екс директорката на Секторот за финансии и сметководство во Државна лотарија и уште една вработена кои беа приведени во акција на институциите се во истрага за финансиски злоупотреби во државното акционерско друштво. Финансиската полиција ги сомничи за проневера и фалсификување деловни книги, со што, според пријавата, на Лотарија ѝ била предизвикана штета од 79.989.444 денари, односно околу 1,3 милиони евра.

Во понеделникот биле извршени претреси на пет локации во Скопје и Валандово. Покрај оригинална сметководствена документација, мобилни телефони, компјутери и дискови, полицијата при претресите пронашла пари, злато и златен накит, накит „Сваровски“, поскапи часовници, како и луксузни брендирани чанти од „Хермес“, „Луј Витон“, „Диор“ и други светски брендови.

Според сомненијата, двете службенички во текот на 2024 година не уплатиле на сметките на Државна лотарија дневен промет од 46.038.720 денари, а од банкарските сметки на друштвото подигнале и противправно присвоиле уште 33.950.724 денари. За да се прикрие недостигот, според Финансиската полиција, биле правени фиктивни трансакции и касовни исплати, а биле изготвувани и употребувани невистинити финансиски и сметководствени документи.

Во соседен двор, надвор од една од претресуваните локации, полицијата пронашла фрлена документација поврзана со предметот. Случајот е отворен врз основа на наодите од ревизијата на Државниот завод за ревизија, а постапката ја води ОЈО Скопје.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ