Вистинска драма се одвивала на пешачката патека кај Студенчишта, откако параглајдерист кој изведувал комерцијални летови со туристи, за малку ќе повредел мајка и дете кои се движеле покрај езерото.
Според видеото од настанот што го објави порталот Охрид1, параглајдеристот летал на исклучително ниска висина, директно над пешачката зона каде имало голем број луѓе. Во еден момент, тој пролетува над една жена која била со своето дете, и за „влакно“ ја промашува, додека други деца во близина панично се разбегуваат.
Инцидентот кулминира кога параглајдеристот удира во столб за улично осветлување, а столбот паѓа. Цела среќа столбот и параглајдеристот не паднаа врз неколку повозрасни лица кои во тој момент се движеле по патеката.
На снимката се слуша и врисокот на исплашената мајка, која во последен момент успева да избегне директен удар. За среќа, инцидентот поминал без повредени, но отвора сериозни прашања за безбедноста при изведување на вакви активности во близина на фреквентни пешачки зони.












