Поранешниот возач во Формула 1 и сегашен аналитичар Џолион Палмер ја коментираше актуелната ситуација околу Макс Верстапен и Тото Волф. Според него, работата е далеку од завршена. Напротив, тој смета дека таа допрва започнува.

Причината е очигледна: Ред Бул Рејсинг во моментов не изгледа како тим способен да се бори за титулата. Проблемите со сигурноста на болидот веќе оставија последици, а по неколку трки Верстапен се наоѓа дури на осмото место во генералниот пласман со само осум бода – нешто што е сериозен аларм за возач од негов калибар.

Од друга страна, Мерцедес изгледа моќно, налик на своите најдобри денови. Тимот ја отвори сезоната импресивно – со победи во Австралија и Кина, како и триумф во спринт трка, испраќајќи јасна порака дека повторно е главниот фаворит за титулата.

  • Разговорите ќе се случат, затоа што Ред Бул, како што кажавме и лани, нема да ја освои титулата оваа сезона, истакна Палмер.

Тој потсети дека минатата година бил блиску до точна прогноза, кога Ред Бул ја загуби титулата за само два бода, но сега верува дека ситуацијата е уште посериозна.

  • Изгледа дека има премногу работа пред нив. Макс не е тука за да завршува осми во квалификациите. Тој не е тука ни само за подиуми, порача Палмер.

Суштината е јасна – Верстапен не е возач кој ќе прифати улога на статист. Тој ќе бара решение.

  • Ќе најде начин да стигне до Мерцедес, затоа што тие го имаат најдобриот болид. Барем таму ќе биде во борба за титулата во следните години, смета Палмер.

Со други зборови, ако сака повторно да доминира – знае каде да погледне.

Од другата страна, се поставува логично прашање: ако сте Тото Волф, дали можете да ја игнорирате шансата да го доведете можеби најдобриот возач денес?

  • Ако имаш можност да го потпишеш Макс, додека конкуренцијата се приближува, предноста што ја имаш брзо може да исчезне, дециден е Палмер.

Сепак, евентуалниот трансфер не е без последици. Минатата година ваквите шпекулации веќе создадоа тензии во тимот, особено кај Џорџ Расел, кој јавно реагираше на можноста да биде заменет.

Неговата изјава тогаш доволно говореше за атмосферата во тимот, но и за тоа колку доаѓањето на Верстапен би ја разнишало хиерархијата – не само во Мерцедес, туку и во целата Формула 1.

Иако Верстапен има договор со Ред Бул до 2028 година и најави дека ќе остане барем до 2026, во Формула 1 договорите често зависат од резултатите на патеката. А во моментов, тие не се на страната на Ред Бул. Затоа, ова не изгледа како обична шпекулација, туку како сериозно предупредување. Ако трендот продолжи, прашањето повеќе нема да биде дали ќе има разговори – туку кога ќе започнат и колку ќе ја променат иднината на Формула 1.

ИЗДВОЕНИ