Продолжуваат воените тензии меѓу Индија и Пакистан. Индиската Влада соопшти дека најмалку 13 цивили вчера биле убиени, а 59 ранети во пакистанските напади на индиската страна од регионот Кашмир.
– Пакистанската армија испука лесно оружје и артилерија преку линијата на контрола што го дели Кашмир, на што индиската армија одговори пропорционално – рече потполковник Сунил Бартвал.
Според најновите податоци, на пакистанска страна загинале најмалку 31 лице.
Воените активности почнаа во средата рано изутрина, кога Индија ги нападна Пакистан и делот на Кашмир под пакистанска управа, како одмазда за смртоносниот пакистански напад од 22 април, кој Исламабад го негира. Потоа Пакистан најави дека ќе врати соодветно.
Иако секогаш имало разни поводи, причината за непријателствата меѓу двете земји е иста – Кашмир. И едната и другата тврдат дека тој регионот е нејзин. Кашмир, всушност, е еден од најстарите и најистакнати нерешени меѓународни спорови во светот. Тој е еден од најмилитаризираните региони, каде што покрај линијата на контрола меѓу Индија и Пакистан има чести тензии и инциденти. Кашмир е и единственото кризно жариште во кое се вклучени две нуклеарни сили, кои досега водеа две војни за него, а имаа и еден ограничен судир.
Регионот бил предмет на спорови дури и пред двете земји да се здобијат со независност од Велика Британија во 1947 година, кога се поделени на хиндуистичка Индија и муслимански Пакистан. Кашмир е етнички разновиден хималајски регион што се простира на 222 илјади квадратни километри и е познат по природните убавини. Поради зелените полиња и езерата, многумина го нарекуваат азиска Швајцарија.