„Нестле“ потврди дека лансирала онлајн алатка за проверка на сериските броеви на чоколадните плочки „КитКат“, по кражбата на повеќе од 12 тони од производот наменет за европскиот пазар.
За да се утврди дали одреден производ е меѓу украдените, на потрошувачите им се обезбедува посебна алатка во која треба да го внесат серискиот број од пакувањето, објавува „Скај њуз“.
По внесувањето, системот го информира корисникот дали производот припаѓа на украдената пратка.
Во случај на совпаѓање, на корисниците им се даваат дополнителни упатства за тоа како да го известат производителот.
„КитКат“ вели дека кражбата на товар е растечки проблем за бизнисите, без оглед на големината на компанијата.
„Нестле“ соопшти дека доколку системот идентификува украден производ, ќе постапи во согласност со упатствата на надлежните органи.
Компанијата претходно нагласи дека безбедноста на потрошувачите не е загрозена и дека снабдувањето на пазарот не е нарушено.
Според компанијата, крадците минатата недела украле камион со околу 12 тони чоколадни плочки (околу 410.000 чоколадни плочки) кој се движел од централна Италија кон Полска, но никогаш не стигнал на својата дестинација. Возилото и стоката сè уште не се пронајдени, а истрагата е во тек.












