Стоматолозите да можат да вршат стоматолошки услуги и по пониски цени од оние кои што како најниски ги предвидела Стоматолошка комора. Ова е суштината на иницијативата за која на утрешната седница ќе се произнесат судиите на Уставниот суд. Во најавата за утрешната седница е наведено дека во добиената иницијатива се оспорува Листа на стоматолошки услуги со минимални (референтни цени) донесена од страна на Извршниот одбор на Стоматолошката комора на Македонија од 24.04.2024 година.
-Подносителот ја оспорува листата на стоматолошки услуги бидејќи со неа е утврдено дека Извршниот одбор на Стоматолошката комора одредил минимални (референтни) цени и со тоа на стоматолозите им се забранува да вршат стоматолошки услуги по цени пониски од утврдените, при што е предвидено и санкционирање доколку стоматолозите не се придржуваат до Листата. Во иницијативата се тврди дека стоматолозите се приморани да пружаат услуга само на оние граѓани кои имаат финансиска можност да платат најмалку колку што е предвидената минимална цена, наместо да го унапредат здравјето на сите останати без оглед на нивната финансиска моќ. Токму ова, подносителот наведува дека е во спротивност со членот 9 од Уставот кој предвидува еднаквост на сите граѓани – информираат од Уставниот суд.
На интернет страницата на Стоматолошката комора може да се види дека, според ценовникот, прегледот на пациентот минимално чини 500 денари, анестезија – 300, вадење на траен заб – 1.000 денари, пломбирање – 1.200 денари а чистење на забен камен минимални 1.600 денари.
-Пружање на стоматолошки услуги по цена пониска од минимално определената со оваа Листа претставува потешка повреда во смисла на одредбите од Деловникот за работа на Судот на честа на Комората, како и повреда на одредбите од Кодексот на стоматолошка етика и деонтологија. За сторената повреда, Судот на честа може да изрече една од следните казнени мерки: опомена, јавна опомена, забрана за учество во работата на органите на Комората, времено и трајно одземање на лиценца и парична казна – се наведува во Листата на стоматолошките услуги. (Б.Ѓ.)