вторник, јули 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Осомничените од гостиварски „Комуналец“ на распит во Обвинителството поради загадената вода

Осомничените од гостиварски „Комуналец“ на распит во Обвинителството поради загадената вода

226
Фото: Ѕ. Плавевски

Истрагата за контаминацијата на водата за пиење во Гостивар влегува во нова фаза. Тројца раководни лица од ЈП „Комуналец“ денеска беа спроведени во Основното јавно обвинителство – Гостивар, каде што ќе бидат сослушани во рамки на истрагата за загадувањето на водоводниот систем и епидемијата на стомачни инфекции во градот.

Осомничени се вршителката на должност директор на претпријатието Артана Асани, техничкиот раководител на Секторот за технички работи Леон Нуредини и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи Вадедин Дервиши. Против нив се води истрага за кривичното дело „Тешки дела против животната средина и природата“.

Фото: Ѕ. Плавевски

Според Обвинителството, тие се сомничат дека при тестирање на притисокот во водоводниот систем, без потребните одобренија, поставиле потопни пумпи преку кои вода од отворен канал била внесена во системот за водоснабдување.

Истражните наоди досега укажуваат дека поради тоа дошло до мешање на површинска вода со водата за пиење. Лабораториските анализи покажале значително зголемени вредности на колиформни бактерии и други микробиолошки показатели, што, според истрагата, е поврзано со загадувањето на водата и појавата на стомачни инфекции кај голем број граѓани.

По денешниот распит, Основното јавно обвинителство ќе одлучи дали ќе предложи мерки за обезбедување на присуството на осомничените во текот на постапката.

Во меѓувреме, истрагата продолжува, а надлежните институции вршат дополнителни анализи и инспекциски контроли за целосно да се утврдат сите околности и одговорноста за случајот што ја вознемири јавноста во Гостивар.

ИЗДВОЕНИ