Со личните изјави на граѓаните во кои ќе ја запишат својата волја по смртта да се донираат нивните органи на лица на кои им се потребни, ќе се стимулира дарувањето на органите во земјава. Ова ќе биде нов обид на државата да го зголеми бројот на лицата што даруваат органи кои, во голем број случаи, ги спасуваат животите на лицата на кои им се потребни ново срце, бубрези, коски и други органи. Се очекува личните изјави да бидат и најдобар начин за надминување на досега најголемиот проблем со кој се соочува органодарителството во земјава – отпорот и противењето на семејствата на лицата кои што доживеале мозочна смрт, а што е мотивирано од најразлични причини.
Ваквата можност за давање на лични изјави – согласност за дарување на органите е предвидена во предлогот за измените во досегашниот Закон за земање и пресадување на делови од човечкото ткиво заради лекување. Измените што ги направи Министерството за здравство вчера биле разгледувани на седницата на владиниот кабинет, по што ќе одат во понатамошната процедура на собраниско усвојување.
– Секое полнолетно деловно способно лице, за време на животoт, на доброволна основа, може кај својот избран лекар да даде изјава дека се согласува по неговата смрт да биде дарител на органи заради лекување. Лицето ја потпишува оваа изјава своерачно пред избраниот лекар, избраниот лекар ја потврдува со свој потпис и факсимил како сведок и ја заведува во ПЗУ каде што работи, по што скенирана ја евидентира во Националната листа на лица кои изјавиле согласност да бидат дарители на органи заради лекување по нивната смрт, што ја води Министерството за здравство во „Националниот систем за електронски евиденции во здравството“. Се евидентира и во електронското досие на пациентот или ја дава електронски преку апликацијата „Мое здравје“. Формата и содржината на образецот на изјавата и начинот на евидентирање ги утврдува Владата на предлог на Министерството за здравство, пишува во предлогот на измените.
Личната волја неприкосновена
Стартот на потпишувањето на ваквите изјави ќе почне откако по парламентарно изгласување на законските измени ќе се донесат и сите подзаконски акти. Фокусот на јавноста неодамна се сврти кон дарувањето на органите, откако се дозна за нов пример на хуман и великодушен гест на едно скопско семејство кое се согласило дел од органите на нивниот починат член да се донираат на други лица. Како резултат тој великодушен гест се извршија две успешни трансплантации – срцето на младичот продолжи да чука во телото на 52-годишниот пациент, а бубрегот спаси 23-годишниот пациент од мачните дијализи. На нови пресадувања чекаат донираните коски и други органи. Но, напоредно со овој убав пример, на виделина излезе и податокот дека бројот на извршените трансплантации на срце, на бубрези и на други органи, значително варира секоја година. Од 1977 година, кога е извршена прва трансплантација на бубрег, досега се извршени околу 510 трансплантации а што, споредено со потребите, не е многу. Податоците велат дека во земјава има околу 1.670 бубрежно болни лица кои одат на дијализи, лица кои доживеале трансплантација и дарители на органи, а од нив, околу 130-140 членови се на листата за трансплантација. Од 2020 година кога во Македонија е извршена првата трансплантација на срце, досега се извршени дванаесетина вакви зафати, а потребите се поголеми.
Сега, со давањето на личните изјави кај матичните лекари се очекува значително да се зголеми бројот на лицата кои ќе можат да бидат потенцијални донатори. Но давањето на ваквите изјави повлекува и одредени дилеми во смисла на тоа дали еднаш дадената изјава може да се повлече, дали семејството на лицето кое ја потпишало изјавата потоа ќе има некакво влијание и право да одлучува што ќе се случи со телото на лицето кое доживеало мозочна смрт?
Национална координаторка за трансплантации, д-р Биљана Кузмановска, во изјавата за весникот ВЕЧЕР вели дека целта е да се зголеми бројот на донаторите на органите.
– Го очекуваме тоа како ефект на можноста што треба да се воведе со изјавата за согласување или несогласување за донирање органи, која ќе се дава кај својот избран матичен лекар, по сопствена волја. Согласноста е општа, а дали воопшто лицето ќе исполни медицински критериум за донација и на кои органи, ќе биде предмет на индивидуална процена, доколку почине исклучиво од мозочна смрт. Изјавата може да се промени или отповика, органодарителството е доброволен чин на полнолетно лице – објаснува Кузмановска.
Таа е категорична во ставот дека семејството на лицето нема да може да се спротивстави на она што одредено лице, со својата изјава, го оставило како желба.
– Личната, индивидуална волја е над волјата на други лица – нагласи Кузмановска.
Воведување картички за дарителство
Но, во текот на досегашната јавна расправа дојдоа и забелешките во однос на понудените законски решенија. Така, Здружението „Нефрон“, кое опфаќа најголем број бубрежно болни во земјава, во своите забелешки за предложените законски промени, предупредуваат на слични искуства од минатото кои, сепак, не го зголемиле бројот на донаторите на органите.
– Во однос на давањето на лични изјави за согласност за донирање на органите, потсетуваме дека вакво законско решение во Македонија постоеше во периодот од 2011 г. до 2013 г. Тогаш Законот овозможи и се воведе Изјава за согласување кај избран лекар, но сведоци сме дека тоа не го зголеми бројот на дарителите, всушност, ваквата практика не заживеа. Очекувано е предлагачот на Законот да поседува информации/анализи за имплементацијата на тогашното законско решение, колку изјави се потпишани од населението и врз основа на тоа, колку трансплантации се реализирани. Кои биле пречките во имплементацијата и зошто тоа не го зголеми бројот на дарители, зошто во 2013 повторно се промени законот и важи само „претпоставена согласност“ како докажано успешен модел закон. Сепак, го поддржуваме овој предлог како надополнување на членот 28, за израз на сопствената волја и лична одлука на поединецот и бараме да се почитува правото на избор и одлуката на човекот за време на животот доследно – наведуваат од Здружението „Нефрон“.
Оттаму додаваат дека ќе треба детално и целосно да се уреди легитимноста на Изјавата за согласување со ставот и мислењето на семејството на потенцијалниот дарител или починатото лице со мозочна смрт.
– Односно, дали семејството може да ја оспори согласноста за дарителство бидејќи по смртта, семејството, т. е. Најблиските, се легитимни сопственици на телото. Предлагаме да се коригира член 27 и наместо „може да се врши обдукција“, да стои „мора да се изврши обдукција на починатиот, согласно со закон“ , за да се избегнат понатамошни несакани последици – наведуваат од „Нефрон“ во своите забелешки.
Ова Здружение смета дека има и неколку причини зошто „Изјавата за согласување дадена пред избраниот лекар’’ не заживеала во тогашната практика. Според нивните искуства, причините треба да се бараат во фактот што луѓето одат на лекар за да решат одреден здравствен проблем, а не да зборуваат што би било по нивната потенцијална смрт. Тоа не водело кон позитивно размислување и чин на потпишување Изјава за согласност за донација. Се смета дека избраните матични лекари не поседуваат доволно знаење и информации за дарителството на органи по смртта и на многу прашања на граѓаните не знаат или не даваат соодветни одговори.
– Нашиот предлог е законодавецот да најде законско решение за воведување Картички за дарителство/или Електронски потпис на картички за дарителство, на познати платформи. Дарителските картички треба да бидат со јасно дефинирана содржина, потенцијалните дарители да имаат можност да бираат за дарување на еден или повеќе органи, ткива или цело тело, за трансплантација или донација за медицински и научни цели. Важно е одлуката да може со наједноставна процедура да се отповикува и менува. Освен ова, одлуката за дарителство да може да се регистрира во овластена институција при добивање задолжителен личен документ, на пр. при вадење на лична карта или возачка дозвола. Треба и да се зголеми бројот на извори на органи – сите интензивни неги од сите болници да може да детектираат и да одржуваат потенцијални дарители на органи – предлагаат од „Нефрон“, додавајќи дека е важно и да се организира и поголема јавна расправа пред конечното гласање за законот.
Инаку, на вчера одржаната трибина „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“ на скопскиот Медицински факултет, премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потребно отворено да се разговара за органодарителството.
– Трансплантацијата е ново утро за човек кој мислел дека надежта исчезнува. Таа е нова можност за родител кој повторно сака да биде покрај своите деца. Таа е шанса млад човек повторно да учи, да работи, да создава семејство и да ги остварува своите соништа. Зад секоја успешна трансплантација стои една човечка приказна. Приказна за борба, за трпение, за вера и за надеж. Приказна за луѓе кои со месеци и години чекале повик што за нив значи нов живот. Приказна за семејства кои минувале низ неизвесност, но никогаш не ја изгубиле надежта, рече Мицкоски. (Б. Ѓ.)
Бенефиција за дарителите на органите
Една од дилемите што се јавува е и прашањето дали за донирањето на органите треба да следуваат и одредени бенефиции до семејството на починатото лице од кое се земаат органите. Националната координаторка, Биљана Кузмановска, смета дека не би требало да се инсистира на тоа.
– Органодарителството е доброволно и никако не смее да е поинаку. Инаку, и актуелниот закон предвидува ослободување од партиципација за лекување на органодарителот и 30.000 денари за погребни трошоци – вели таа за весникот ВЕЧЕР.
Но, од „Нефрон“ сметаат дека одреден надомест, сепак, е потребен.
– Потребно е да се зголеми надоместокот во форма на парична помош на семејството на органодарителот за погребални трошоци и наместо 30.000 денари, таа сума треба да е поголема бидејќи законот предвидува парична помош до три просечни плати – наведуваат од ова Здружение.












