
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја вознемири јавноста со објава на социјалните мрежи во која тврди дека неговото семејство е под директна закана од страна на Украинци. Орбан сподели емотивно видео во кое телефонски ги предупредува своите ќерки да бидат внимателни, но да не подлегнуваат на стравот.
„Украинците веќе им се закануваат на моето семејство, децата и внуците. Сите се добро, но сè има свои граници!“, напиша премиерот на Фејсбук.
Во видеото, тој разговара со ќерките Роза и Сарика, порачувајќи им да ги следат вестите и да се чуваат. И покрај сериозноста на ситуацијата, Орбан нагласи дека семејството е обединето и дека неговата сопруга ќе има клучна улога во прилагодувањето кон овие нови, опасни околности во нивните животи.
Орбан и неговите сојузници се чини дека ja користат нетрпеливоста со Украина за да освојат политички поени пред изборите следниот месец, кои би можеле сериозно да го потресат 16-годишното владеење на Виктор Орбан и неговата националистичка влада, објавува „Гардијан“.
Орбан очигледно реагирал на зборовите на Григориј Омелченко, пензиониран политичар кој служел во безбедносната служба на Украина во 1990-тите.
Тој му се закани на Орбан во телевизиско интервју претходно оваа недела, сугерирајќи дека одмаздниците би можеле да го прогонуваат унгарскиот премиер ако не го промени својот антиукраински став.
Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски се закани дека „ќе им ја даде адресата на ова лице на нашите вооружени сили“, осврнувајќи се на Орбан, во коментари што наводно ги поттикнаа европските сојузници да побараат од украинскиот лидер да ја ублажи својата реторика.











