Паралелно со доградбата, во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче се реализира проект со огромно значење. Се воведува современ, енергетски ефикасен систем за греење во рамките на „EU for Clean Air – ЕУ за чист воздух“.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески потпиша Меморандум за разбирање со Микела Телатин, директорка на Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги за Југоисточна Европа (УНОПС).
– Ова не претставува само инвестиција во објект, туку директна инвестиција во здравјето на децата и во квалитетот на воздухот што сите го дишеме. Со воведување на топлински пумпи, паметно автоматско управување според надворешната температура и целосно модернизирана котларница, училиштето добива систем што значително ја намалува потрошувачката на енергија и емисијата на штетни гасови – велат од општина Аеродром.
Во внатрешноста се заменуваат постојните радијаторски вентили со современи термостатски решенија, што овозможува оптимално користење на топлината и дополнително намалување на CO₂ емисиите. Тоа значи поефикасно греење, но и реален придонес кон борбата против загадувањето.
Инвестицијата од околу 180.000 долари е целосно обезбедена преку проектот „EU for Clean Air“. Со овој проект, сите основни училишта во Општина Аеродром преминуваат на еколошко загревање – системско решение што носи долгорочни придобивки за секој ученик, наставник и жител.












