понеделник, јуни 15, 2026
Дома СВЕТ Олигарсите на Орбан ги отпишуваат децата од училиште, бегаат од Унгарија и...

Олигарсите на Орбан ги отпишуваат децата од училиште, бегаат од Унгарија и селат украдени милијарди во даночен рај

236

Додека унгарскиот премиер во заминување, Виктор Орбан, по поразот на парламентарните избори вели дека во наредниот период ќе ѝ се посвети на реорганизацијата на својата партија Фидес, идниот премиер, Петер Маѓар, обвинува дека неговите партиски приврзаници и блиски луѓе се подготвуваат за бегство од државата. Тој тврди дека олигарсите на Орбан префрлаат милијарди евра во Емиратите, Уругвај, САД и во други земји, носејќи „украден имот во даночни раеви“. Тој ги повика надлежните институции да реагираат.

Во саботата, унгарскиот премиер во заминување, Виктор Орбан, даде изјава, наведувајќи дека нема да седи во Парламентот, туку ќе се фокусира на реорганизацијата на партијата. Околу два часа потоа, Маѓар објави видео и истакна дека неговата партија, Тиса, се подготвува да ја преземе власта, додека „мафијата во заднина не мирува“.

– Додека Виктор Орбан бега од одговорност, во заднина се прават подготовки за напуштање на земјата и за изнесување на украдениот имот. Олигарсите на Орбан префрлаат десетици милијарди во Обединетите Арапски Емирати, Уругвај, Соединетите Американски Држави и во други далечни земји – сериозно обвини Маѓар, а пренесе словачки „Актуалити“.

Идниот унгарски премиер тврди дека властите, врз основа на предупредувањето на банките, веќе блокирале неколку големи финансиски трансфери. Според него, парите ги префрлиле луѓе блиски до Антал Роган, поранешниот шеф на кабинетот на премиерот. Исто така, наведува дека биле запрени трансферите поради сомневање за перење пари и го повика раководството на унгарската Даночна и царинска администрација веднаш да ги блокира „украдените пари“.

Според Маѓар, некои богати семејства веќе ја напуштиле земјата, а семејството на Леринц Месарош, кој често се поврзува со унгарската политичка елита, би можело да отпатува за Емиратите, во наредните денови.

– Тие веќе ги отпишаа децата од училиште и организираат приватно обезбедување за да може да заминат – рече тој и побара реакција од главниот обвинител, директорот на полицијата и од шефот на Даночната администрација.

Маѓар апелира да се „уапсат криминалците што му наштетија на унгарскиот народ за илјадници милијарди форинти и да не им се дозволи да избегаат во земји од кои во моментов не е можна екстрадиција“.

Маѓар го изнесе ова свое обвинување и барање, иако сè уште не е премиер на Унгарија. Тој ќе формира влада во мај.

ИЗДВОЕНИ