Лавина од партиски реакции предизвика одлуката на Обвинителството за организиран криминал и корупција да ја затвори предистражната постапка за набавката на модуларните болници во времето на ковид-кризата, кога министер за здравство беше актуелниот лидер на опозицијата, Венко Филипче, а тендерот го доби фирмата на поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев.
Обвинителката Верица Бержецка, која предметот го работеше неколку месеци, а претходно долго истражуваа нејзините колешки, обвинителката Елизабета Јосифовска и ексшефицата Вилма Русковска, рече дека откако ги прочитала изјавите на сведоците и документите од набавката, заклучила дека нема кривично дело. За пожарот во модуларната во Тетово, во кој загинаа 14 лица, кривично одговараа и добија по три години затвор двајцата директори на болницата.
– Самиот закон за градба допушта да се заобиколуваат некои постапки со изговор дека е итно, затоа не гледаме конкретни дејства со кои би се правеле отстапки од процедурата, објасни Бержецка на брифингот со новинарите по соопштување на одлуката. Предметот беше оформен по допрен глас во 2021 година и се затвори по пет години предистражни дејства.
Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени одлуката како „скандалозна“, потсетувајќи дека во пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година загинаа 14 лица.
„Jавноста треба да знае дека ова е процес што трае веќе 5 години. Но, она што исто така е значајно да се спомене е дека во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе“, рече Мицкоски.
Тој го обвини обвинителот Ислам Абази дека со одлуката за запирање на постапката ги „испорачува“ своите должничко-доверителски односи кон претходната власт. Мицкоски, сепак, нагласи дека предметот не е трајно затворен и оти може повторно да биде отворен доколку се појават нови детали или докази.
„Но, сакам јавноста да знае дека ова не е политичка амнестија бидејќи секогаш можат да се појават нови детали кои се поврзани со овој процес и секогаш овој процес може повторно да стане актуелен и да се почне од самиот почеток“, изјави премиерот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој беше носител на набавката како министер за здравство во време на пандемијата, порача дека одлуката на Обвинителството потврдува дека во набавката немало злоупотреба на службената должност и немало штета на буџетот. Тој потсети дека по пожарот во Тетово поднел оставка, оценувајќи го тоа како морален и човечки чин. Филипче реагираше и на политичките напади кон него во изминатите пет години.
„Пет години зборуваат за мене дека сум убиец, ме споредуваат со убиец, ме споредуваат со доктор Менгеле. Јас што спасувам животи, за кој здравјето на граѓаните ми е на прво место, не престанаа“, рече Филипче и побара ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да им се извинат на семејствата на загинатите, обвинувајќи ги дека со години ги користат трагедијата и болката на семејствата за политички пресметки.
„Затоа сега барам организираната криминална група ВМРО да се извини. Не мене да ми се извини, и Христијан Мицкоски да им се извини на семејствата на загинатите“, порача Филипче.
Од коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, оценуваат дека со запирањето на постапката се врши „повторно жртвување“ на 14. загинати и нивните семејства. Оттаму прашуваат како е можно, по трагедијата со 14 жртви, на крајот, одговорноста да се сведе на кабелот.
„Правдата не смее да зависи од ничие политичко влијание, партиска припадност или функција“, наведуваат од ВЛЕН, барајќи независна истрага и неселективна одговорност. Според партијата, ваквиот епилог претставува неуспех не само на Обвинителството, туку и на целиот правосуден систем, а политичката одговорност за ваквиот исход, како што наведуваат, ќе се утврдува на следните парламентарни избори.
Со остар тон реагираше и Левица, која случајот го претставува како пример за континуитет на неказнивост без оглед на промената на власта.
„Повторно гледаме како во Македонија не се менуваат системи, туку чувари на истиот режим на привилегии“, наведува партијата, оценувајќи дека предметите се движат од предистрага до фиока, застарување или архивирање, а потоа повторно се користат како политичка тема. Левица во реакцијата ги поврзува СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со, како што тврди, политичка солидарност околу измените на Кривичниот законик, а посебно го посочува поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и неговата компанија „Брако“, која беше избрана за модуларните болници.
„Кога политичките елити можат бескрајно да се обвинуваат, а речиси никогаш суштински да не се загрозат една со друга, не можеме да говориме за плурализам, туку за поделба на пленот“, стои во реакцијата на Левица.
Обвинителката Бержецка, која по закон во одлучувањето е самостојна и независна, рече дека предистрагата почнала по избришаниот член 353 од Кривичниот закон. Документите покажале дека нема дејства на неизвршување од страна на функционери и службени лица, ниту, пак, е исполнето другото законско битие на ова кривично дело, односно при постапките за јавни набавки да има оштетување на Буџетот на РМ , рече обвинителката кога ги објаснуваше причините за затворање на предметот.
Весникот Вечер побара објаснување од ОЈОГОКК дали и како може да се реотвори случајот, одттаму ни беше одговорено дека резулуцијата сама по себе не значи и конечно затворање на предметот „Доколку се појават докази случајот може да се реотвори“, велат од ова обвинителство и додаваат дека во случајот по одлуката нема кој да поднесе жалба до Вишото Ј.О бидејќи нема оштетена страна, односно нема штета по Буџетот од набавката. (П. А.)












