понеделник, јуни 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Охрид не е скап ако не користите такси, не јадете во ресторани...

Охрид не е скап ако не користите такси, не јадете во ресторани и ако не паркирате во центарот

Иако Охрид нуди плажи, спортски активности, културни содржини и гастрономски доживувања, високите трошоци за ресторани, такси, паркинг и вонпансионски услуги ги прават летните одмори поскапи за домашните туристи. Туристичките работници истакнуваат дека поголема промоција и подобра соработка меѓу агенциите и сместувачките капацитети може да го зголемат интересот за домашниот туризам, особено за културно-историскиот туризам и фамилијарниот одмор

1205

Воведувањето на системот ЕЕС за влез и излез од државата ги зголеми турканиците на границите кон соседните земји, но истовремено отвори можност за летување во домашните туристички центри како Охрид, Струга и Дојран. Иако Охрид нуди плажи, спортски активности, културни содржини и гастрономски доживувања, домашните туристи во изминатите години ретко го бираа како дестинација за летен одмор поради високите трошоци. Градот важи за достапна дестинација за Европејците, но не и за Македонците. Тие често се жалат на високи цени на хотелските услуги, ресторани, такси и паркинг, како и на храната во маркетите. И покрај богатата туристичка понуда, високите трошоци го прават летувањето во Охрид предизвик за домашните семејства.

Туристичките работници велат дека иницијативата да се летува во Охрид ќе ја поттикне локалната економија и ќе ја зголеми финансиската корист за државата. Сепак, потребна е поголема промоција за тоа дека градот освен езерски, нуди и културно-историски туризам. Иако одредени услуги како ресторани, такси и паркинг можат да ја зголемат дневната сметка, понудите во приватното сместување нудат достапност за семејства со помал буџет.

– Иако постои перцепција дека Охрид е скап, сепак не е така. Цените на сместувањето во Охрид и Струга се многу коректни во однос на соседните земји, но проблем се вонпансионските услуги. Таксито во Охрид е многу скапо, поради неколку превозници кои енормно ги покачија цените, што ја оптоварува целата охридско-струшка ривиера. Исто така, рестораните имаат повисоки цени, особено оние на прва линија до езерото, како и паркингот во центарот на градот, изнајмувањето лежалки и чадори, изјави за весникот ВЕЧЕР Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора.

Во Охрид, цените на таксијата и на паркингот се доста забележливи за туристите. Почетната такса е околу 60 денари, а секој следен километар чини околу 50 – 60 денари. Паркирањето во Охрид, особено во централното градско подрачје и покрај Охридското Езеро, е релативно скапо. Часовите во зоните блиску до плажите, кафулињата и историските локалитети се движат од 50 до 80 денари, додека на периферијата, цената е пониска, околу 20 – 50 денари на час. За туристите кои планираат да останат подолго време, постојат и дневни карти за паркирање кои чинат околу 300 – 400 денари. Иако градот, сам по себе, не е скап, овие услуги можат значително да ја зголемат дневната потрошувачка за туристите.

– Охрид не е скап ако се споредат цените на сместувањето со Грција, каде што тие се дури 50 отсто повисоки. Во Охрид, годишно доаѓаат околу 250 илјади викенд-туристи, кои, доколку не се реши проблемот со ЕЕС-системот со Грција и останат да летуваат дома, би генерирале околу еден милион ноќевања, што е одлично за охридско-струшката ривиера, додава Керим.

Од туристичките агенции, пак, велат дека сè зависи од тоа каков вид туризам преферираат туристите. Некои сакаат да летуваат во големи ресорти, кои во Охрид се ограничени, но градот нуди еден друг вид туризам покрај езерскиот – културно-историски туризам.

–Во Охрид не е само езерото, туку има многу цркви, манастири и културно-историски споменици. Домашните туристи треба да го препознаат и да го сакаат овој вид туризам. Младите најчесто доаѓаат поради журките и забавите – на пример, на 2 август, градот е полн поради концертите, што го прави привлечен за младата публика. Но за фамилијарен одмор е потребно да се инвестира во такви услуги, да се зголеми интересот за културен туризам и да се спои со летниот одмор. Во спротивност, Охрид останува само како дестинација за неколку дена, а за целосен летен одмор семејствата избираат други места, изјави за весникот ВЕЧЕР Ана Марија Алексова-Малева, претседател на Националната асоцијација на туристички агенции – НАТА.

Според неа, треба да се зголеми соработката помеѓу туристичките агенции и сместувачките капацитети за поефикасно промовирање на домашните туристички центри како дестинации. Таа нагласува дека често се случува цената што ја нуди агенцијата да биде иста како цената што хотелот им ја дава директно на клиентите, што не е фер и ја намалува конкурентноста на агенциите.

Хрватскиот министер за туризам, Тончи Главина, апелираше до туристичкиот сектор да ги намали цените на понудите за 10 до 20 проценти за да се задржат туристите.

– Би било добро вакво нешто да се имплементира и кај нас. Доколку надлежните дадат препораки за намалување на цените на сместувањето, тоа ќе ја зголеми посетеноста на домашните туристи и ќе им овозможи и на оние со помал буџет да летуваат во Охрид, додава Алексова-Малева.

Неодамна, премиерот Христијан Мицкоски ги повика македонските граѓани да летуваат во домашните туристички центри.

– Имаме прекрасни езера и планини во Македонија. Ги повикувам македонските граѓани своите летни годишни одмори да ги поминат на македонските планини и езера, во македонските села, затоа што имаме прекрасна земја и самите треба да си ја чуваме, бидејќи втора резервна татковина немаме, рече Мицкоски.

На повикот на премиерот следуваа коментари на социјалните мрежи. Граѓаните сметаат дека функционерите, исто така, треба да покажат пример и да летуваат во домашните туристички центри. Некои нагласуваат дека не е фер некој да патува во Дубаи, на Малдиви или во Хрватска, а да бара од граѓаните да останат дома. Дел од корисниците, пак, сметаат дека секој има право да го помине одморот каде сака, и никој не може да им наложи да одат во Охрид, Струга или во Дојран.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ