недела, септември 20, 2026
Дома СВЕТ Одлука за ограничувања по украинскиот напад врз рафинерија: Снемува бензин на бензинските...

Одлука за ограничувања по украинскиот напад врз рафинерија: Снемува бензин на бензинските станици на „Гаспром“

0
Фото: EPA/MAXIM SHIPENKOV

Денес почна да снемува бензин на бензинските станици на „Гаспром нефт“ во Москва, по ноќниот напад со украински беспилотни летала и големиот пожар во Московската рафинерија за нафта (МНЗП) во Капотња, која е во сопственост на компанијата, пренесува рускиот информативен портал msk1.ru.

Репортер на порталот ја провери состојбата на станиците на овој синџир во населбата Голјаново – лоцирана во источниот дел на главниот град – и утврди дека нема достапен бензин.

„Денес добивме наредба да поставиме известување за максимална продажба од 30 литри по автомобил. Но, сега воопшто нема бензин, па го тргнавме известувањето. Чекаме испорака. Сè уште не ни е кажано кога ќе се случи тоа; ќе дознаеме кога ќе пристигне“, изјави вработен на станицата.

Претходно, каналот на Телеграм „Ranshe vsekh, nu pochti“ објави дека тоа утро било воведено ново ограничување – лимит од најмногу 30 литри бензин по автомобил – на станиците на „Гаспром нефт“ во Москва, додека само минатата сабота лимитот бил двојно повисок.

Претставниците на телефонската линија за корисници на компанијата – која уште пред еден месец воведе ограничувања за продажба на бензин во Москва – не можеа да ги објаснат новите ограничувања што важат за целиот град.

Сепак, тие напоменаа дека на различни станици обично важат различни лимити. На пример, на станицата во населбата Јужно Чертаново, лимитот изнесува 40 литри бензин по автомобил.

„Најверојатно ќе биде исто на сите станици во вашиот регион. Тоа зависи и од тоа дали станицата е автоматизирана или не“, рекоа тие. Украински беспилотни летала ја погодија Московската рафинерија за нафта – која ги задоволува потребите за гориво на главниот град со околу една третина – во текот на ноќта меѓу саботата и неделата.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека „неколку беспилотни летала стигнале до територијата на Московската рафинерија за нафта“ и дека е оштетен еден објект во рамките на комплексот. Избувнаа неколку големи пожари во рафинеријата, која има номинален капацитет до 14 милиони тони годишно.

Украинските власти го потврдија нападот врз рафинеријата. Според Генералштабот на вооружените сили на Украина, со нападот биле погодени единицата за примарна преработка на нафта AVT-6, комплексот за преработка на нафта и единицата за изомеризација.

„Постројката преработува нафта и произведува моторен бензин, дизел, авионско гориво, мазут и други нафтени деривати. Рафинеријата придонесува кон задоволување на потребите на руските вооружени сили“, соопшти украинската војска.

Московската рафинерија за нафта претходно ги имаше прекинато операциите по нападите на 16 и 18 јуни, кога престанаа да работат двете единици за примарна преработка на нафта.

ИЗДВОЕНИ