Проектот „Сончеви училишта“ се проширува со уште три основни училишта во Битола. Со потпишувањето на анексот на договорот, се опфатени основните училишта „Свети Климент Охридски“, „Даме Груев“ и објектот наречен турско училиште во рамките на ОУ „Гоце Делчев“.
Во ОУ „Свети Климент Охридски“ беа извршени технички увид и примопредавање на фотонапонската централа со инсталирана моќност од 40 kW, во присуство на претставници на изведувачот, претставници на донаторите – Фондацијата „Отворено општество Западен Балкан“ градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како и претставници на општинската администрација.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, изрази задоволство од досегашната соработка и од резултатите што ги дава проектот, нагласувајќи дека ваквите инвестиции имаат повеќекратно значење за Општината и за училиштата. Покрај директните финансиски заштеди преку намалување на трошоците за електрична енергија, производството на електрична енергија од сонцето придонесува и за намалување на емисиите на штетни гасови и за заштита на животната средина.
Во првата фаза реализирана во 2024 година, беа поставени фотонапонски централи на шест основни училишта во Општина Битола, и тоа „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Свети Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ во селото Кукуречани и „Крсте Петков Мисирков“ во селото Бистрица.
– Проценетите годишни заштеди од првичната реализација на проектот во Битола изнесуваат околу 15.000 евра, средства што може повторно да се насочат кон подобрување на условите за настава и кон реализација на проекти според потребите на училишните заедници. Со продолжувањето на проектот, Општина Битола ги продолжува активностите за енергетска транзиција и за создавање поодржливи, енергетски поефикасни и еколошки одговорни образовни установи – соопштија од локалната самоуправа.












