На 23 август навршуваат шест месеци откако поранешниот вицепремиер Артан Груби се појави во државата, по едногодишно бегство. Сепак до неодамна тој сѐ уште не беше сослушан како осомничен во случајот „Лотарија”, а од обвинителството сега не откриваат дали конечно бил спроведен во обвинителството на распит.
-Јавниот обвинител постапува во предметот имајќи ги предвид законските рокови и определените мерки за обезбедување. По донесување јавнообвинителска одлука, јавноста ќе биде известена, ни посочија од Обвинителството, без директно да одговорат на прашањето на ,,Фокус” дали Груби бил повикан на распит.
Иако рокот за завршување на истрага, според Законот за кривична постапка е 6 месеци, сепак тој не апсолутно фиксен и може да биде продолжуван во зависност од сложеноста на предметот. Сепак доколку до овој првичен рок од половина година не биде поднесено обвинение, осомничените мора да се пуштат од притвор. Во овој случај би значело доколку против Груби не биде поднесено обвинение до 23 август, тој ќе излезе од куќен притвор.
Груби беше уапсен на граничниот премин Блаце. Тој беше во бегство повеќе од една година, а потоа беше ставен во домашен притвор.
Тој е осомничен за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Според Обвинителството, предметот опфаќа одлуки и договори за кои постои сомнеж дека ѝ нанеле значителна финансиска штета на институцијата, проценета на околу 500 милиони денари, односно над осум милиони евра.












