По мирниот протест на претставниците на Ветеринарната комора вчера, пред Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), договорено е продолжување на дијалогот и заедничко решавање на актуелните проблеми со кои се соочува приватната ветеринарна практика.
На работната средба со директорот на АХВ, Јовица Андовски, биле прифатени неколку барања на Комората. Андовски најавил дека во најкус рок ќе продолжи земањето мостри за лабораториски испитувања согласно со Годишната наредба за здравствена заштита на животните, а тековно ќе се исплаќаат и обврските за реализираните ветеринарни активности.
Посебно внимание ќе биде посветено на цените на ветеринарните услуги, кои, според претставниците на Комората, не биле коригирани неколку години. За таа цел ќе биде формирана работна група од претставници на двете институции, која ќе ја анализира постојната методологија и ќе предложи соодветни измени.
Андовски ја истакнал важноста на партнерскиот однос и професионалната соработка, нагласувајќи дека заедничка цел е заштитата на здравјето на животните и јавното здравје. На средбата било разговарано и за претстојната вакцинација на овците и козите против болеста сипаници. Од АХВ порачуваат дека остануваат отворени за дијалог и заедничко надминување на предизвиците во ветеринарниот сектор.












