Постапката за приватизација на земјиштето под станбените и деловните објекти треба да стане поедноставна, а сопствениците во предвидените случаи ќе можат да се потпрат на катастарските податоци без дополнителен геодетски елаборат. Предложените измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост предвидуваат и нов едногодишен рок за одредени категории поранешни сопственици кои сакаат да го регулираат правото на сопственост. Се уредуваат и можностите за вклучување дополнителни парцели и лица во веќе започнати постапки. Законските решенија сè уште не се во сила, а ќе почнат да се применуваат по нивното конечно усвојување и објавување во „Службен весник“

 

Поедноставување на постапката за приватизација на градежното земјиште под станбените згради, можност за регулирање на сопственичките права врз основа на катастарските податоци и нов едногодишен рок за одредени категории поранешни сопственици, се дел од предложените измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост. Предлог-измените на 2 ноември 2026 година беа разгледувани на второ читање пред собраниската Комисија за финансирање и буџет. Со предложените законски решенија се настојува да се надминат долгогодишните имотноправни проблеми и да се олесни постапката за граѓаните кои сè уште немаат регулирано сопственост врз земјиштето под објектите во кои живеат или имаат деловен простор.

Една од позначајните новини е можноста сопствениците на станови и деловни простории да го приватизираат земјиштето под објектот врз основа на податоците од Катастарот, без да имаат обврска да доставуваат дополнителен геодетски елаборат за тој дел од земјиштето, во случаите предвидени со законот.

Предложените измени опфаќаат и воведување дополнителен рок од една година за одредени категории поранешни сопственици. Во овој период, тие ќе можат да поднесат пријави до Катастарот за претворање на правото на користење на неизградено градежно земјиште во право на сопственост. Рокот би започнал да тече од денот на стапувањето во сила на законските измени.

Со новите решенија се предвидува и попрецизно регулирање на случаите кога на една градежна парцела постојат повеќе објекти со различни сопственици. Дополнително, ќе се овозможи во веќе започнати постапки за приватизација да се вклучат и други катастарски парцели, како и лица кои имаат соодветно право на сопственост или правен интерес.

Една од предложените одредби се однесува и на постапувањето на Катастарот. Имено, се предвидува во рок од две години од стапувањето во сила на Законот да бидат избришани преостанатите запишани права на користење на градежното земјиште, со исклучок на правата кои се заштитени со закон.

Од Управата за имотноправни работи посочуваат дека целта на законските измени е надминување на нерешените имотноправни односи, поедноставување на административните процедури и обезбедување поголема правна сигурност за граѓаните и компаниите.

За значењето на предложените измени и нивното можно влијание врз граѓаните се огласи и адвокатката Мери Кошаркоска, која преку правна информација посочува дека станува збор за законски решенија од особено значење за лицата кои сакаат да го регулираат сопственичкото право врз градежното земјиште. Меѓу прашањата на кои укажува таа се и прецизирањето на правата на наследниците и лицата со правен интерес, можноста за проширување на веќе започнатите постапки со дополнителни катастарски парцели, како и вклучувањето други лица кои имаат соодветно правно основано право.

Кошаркоска нагласува дека граѓаните треба да имаат предвид дека предложените измени сè уште не се во сила и дека нивната примена ќе започне дури по завршувањето на законодавната постапка, усвојувањето на законските измени и објавувањето на законот во Службен весник. За граѓаните кои имаат нерегулирани имотноправни односи, особено важно ќе биде да ги следат конечните законски одредби, бидејќи од нив ќе зависат условите, потребната документација и роковите за поднесување барања за приватизација на градежното земјиште.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ