Областа на вештачката интелигенција (ВИ) е помалку регулирана од индустријата за млечни производи или машините за перење, кои во моментов подлежат на построги прописи отколку ВИ, изјави претседателот на компанијата „Мајкрософт“, Бред Смит, пренесе Би-Би-Си.
Смит ја истакна потребата за воспоставување глобални безбедносни правила, вклучително и законска обврска за известување на „жртвата“ доколку нејзиниот систем го загрози одметнат агент за вештачка интелигенција, како и одредување на моментот кога надворешните оценители треба да дадат одобрение за производ со ВИ пред неговото пуштање во употреба.
Неговите ставови се во спротивност со мислењето на американскиот претседател Доналд Трамп, кој смета дека тој сектор треба сам да се регулира за американските компании да не ја изгубат трката со кинеските ривали. Барањата за носење закони и правила што би ја контролирале вештачката интелигенција се засилија откако експертите од таа област изразија уверување дека оваа технологија претставува закана за човештвото.
Челниците на американските гиганти во оваа област, како што се компаниите „Антропик“ (Anthropic), „ОпенАИ“ (OpenAI) и „Гугл Дипмајнд“ (Google DeepMind), ја поддржаа идејата за забавување на развојот на вештачката интелигенција, но Трамп се спротивстави на тоа.
Смит ја опиша вештачката интелигенција и како „алатка“ и како „оружје“ кое итно треба да биде регулирано. Тој посочи дека на компаниите им се потребни „кочници за итни случаи“, во индустријата познати како прекинувачи за итно запирање, за да се стопира или забави работата на вештачката интелигенција доколку таа на некој начин излезе од контрола.
Според зборовите на Смит, исто така треба да се воведе законска обврска компаниите да составуваат „извештаи за инциденти“ и да ги известуваат оние кои се погодени доколку технологијата се отргне од контрола. Шефот на „Мајкрософт“ исто така предложи независни државни оценители да вршат проверка на новите технологии за ВИ.
Смит оценија дека Обединетото Кралство е во најдобра позиција да ја покрене иницијативата за воспоставување на овие глобални правила, благодарение на својот Институт за безбедност на вештачката интелигенција кој беше основан за време на мандатот на поранешниот премиер Риши Сунак.
Претседателот на „Мајкрософт“ изјави дека не верува оти американската влада би се спротивставила на прописите за вештачка интелигенција што ги предводи Британија во онаа мера во која тоа го сугерираат изјавите на Трамп, додавајќи дека САД попрво би ги прифатиле стандардите што ги поставува Обединетото Кралство отколку оние што ги носи Европската унија.
„Во Вашингтон не гледаат на Лондон онака како што гледаат на Брисел и тоа е предност“, рече тој.
Кон крајот на минатиот месец, Трамп во Белата куќа ги пречека лидерите на американските технолошки гиганти каде раководителите потпишаа документ што е „морално обврзувачки“. Компаниите се согласија да соработуваат со независни ревизори за да проценат дали нивните системи за вештачка интелигенција работат како што е предвидено и за да се уверат дека не хакираат ниту пристапуваат до технички системи на начин што не е планиран.
Смит изјави дека ја поздравува таа изјава и дека „Мајкрософт“ е „среќен што можел да ја потпише“, додавајќи дека тоа е добар чекор, но дека верува оти тоа повеќе не е доволно. Тој заклучи дека предизвикот за секој „систем на саморегулација“ е во тоа што добрите компании ќе го сторат она што се бара од нив, но дека грижата треба да се насочи кон оние компании кои не се толку одговорни.












