четврток, ноември 5, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нов удар врз домашните буџети: Цените на храната повторно растат

Нов удар врз домашните буџети: Цените на храната повторно растат

0

Цените на храната во Европа повторно почнуваат да растат – при што особено остро зголемување се забележува кај свежите прехранбени производи – додека повисоките трошоци за енергија и транспорт претставуваат дополнителен товар за потрошувачите.

Според податоците за септември, цените на храната и безалкохолните пијалаци во Европската унија се зголемиле за 0,6 отсто на годишно ниво, но сепак, анализата на „Еуроњуз“, заснована на податоци од „Еуростат“, открива значителни разлики меѓу поединечните земји.

Најголем пораст е забележан на Кипар, каде што цените се зголемиле за четири отсто, а потоа следуваат Шпанија (2,7 отсто), Романија (2,6 отсто), Малта (2,5 отсто) и Португалија (2,4 отсто).

Надвор од Европската унија, се издвојува Турција, каде што цените на храната во текот на изминатата година пораснале за 27,6 отсто.

Од друга страна, во 14 од 27-те земји-членки на ЕУ е забележан пад на цените на храната и безалкохолните пијалаци. Најзначаен пад – од 6,3 отсто – е регистриран во Шведска, по одлуката на владата во април да го намали данокот на додадена вредност (ДДВ) за храната од 12 на шест отсто.

Намалување на цените, во опсег од 3,8 до 4,8 отсто, е забележано и во Латвија, Унгарија и Чешка.

Сепак, најновите податоци за октомври покажуваат дека растот на цените на одредени производи повторно се забрзува. Во Франција, цената на свежите прехранбени производи е зголемена за осум отсто во споредба со истиот месец минатата година, додека во Италија, цената на непреработената храна пораснала за 7,5 отсто. Ситуацијата во јужна Италија дополнително се влоши поради протестите на возачите на камиони, предизвикани од високите цени на дизелот, што доведе до прекини во снабдувањето на продавниците со стока.

Според прелиминарните податоци на „Еуростат“, вкупната инфлација во еврозоната во октомври достигнала четири отсто – што е највисоко ниво во последните повеќе од три години. Цените на енергенсите се зголемиле за 20,8 отсто, додека трошоците за непреработени прехранбени производи пораснале за 4,6 отсто.

Иако моменталниот раст на цените на храната е релативно умерен, европските домаќинства веќе ги чувствуваат последиците од долготрајната инфлација.

ИЗДВОЕНИ