Началникот на полицијата во Белград и поранешен советник на српскиот претседател Александар Вучиќ, Веселин Милиќ, е уапсен денес, беше објавено во Белград, во продолжение на истрагата и расветлувањето на околностите за исчезнувањето на Александар Нешовиќ на 12 мај, кого медиумите го поврзуваат со еден од криминалните кланови на Белград.
По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград (ВЈТ), Милиќ е уапсен од страна на припадници на Управата за криминалистичка полиција, Службата за сузбивање на криминалот и Службата за борба против организираниот криминал на Министерството за внатрешни работи на Србија, соопшти обвинителството.
Нему му е одреден притвор во полиција до 48 часа поради сомнение дека не го пријавил кривичното дело и сторителот, а се товари и за помагање на сторителот по извршувањето на кривичното дело, и ќе биде изведен на сослушување пред јавниот обвинител.
Убиство во кафуле во Сењак
Пред апсењето, Веселин Милиќ веќе бил испрашуван во ВЈТ како дел од истрагата за исчезнувањето на Александар Нешовиќ Баја, кој исчезна на 12 мај во кафуле во луксузната белградска населба Сењак.
Некои медиуми попладнево објавија, повикувајќи се на полициски извори, дека телото на Александар Нешовиќ е пронајдено покрај автопатот кај Шимановци.
Според неофицијални информации, тој бил застрелан во кафуле од Саша Вуковиќ Бошке, додека Нешовиќ седел во друштво на Милиќ.
Според информациите од порталот „Данас“, Милиќ наводно го поканил Вуковиќ во кафулето за да го смири со Нешовиќ, бидејќи претходно имале конфликт.
Меѓу нив во кафулето избувнала расправија, по што Вуковиќ извадил пиштол и го застрелал Нешовиќ со неколку истрели.
Тело запалено покрај автопатот
После тоа, двајца од тројцата полицајци од обезбедувањето на Веселин Милиќ, заедно со Вуковиќ, го извадиле телото од ресторанот и го запалиле покрај автопатот кај Шимановци, додека Милиќ и уште еден полицаец останале во ресторанот за да отстранат траги и видео снимки од камерите за надзор.
Вкупно осум лица, меѓу кои и тројца полицајци, се уапсени во врска со истрагата за сите околности на убиството.
Белградската полициска управа е најголема во рамките на српското Министерство за внатрешни работи, а позицијата началник на овој оддел го прави еден од ретките најмоќни луѓе на врвот на министерството.
Кариерата на Милиќ
Апсењето на Милиќ стана вест на денот и предизвика бројни шпекулации и потсетувања за неговата досегашна кариера, вклучувајќи го и фактот дека тој беше началник на белградската полиција во периодот од 2013 до 2018 година, кога беше назначен на позицијата советник на српскиот претседател Александар Вучиќ за борба против корупцијата и криминалот, а во тоа време беше и помошник-директор на полицијата.
На крајот на 2020 година, со одлука на тогашниот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, тој повторно беше назначен за началник на белградската полиција.
Опозицијата бара оставки
Денес, опозицијата побара оставка и разрешување на министерот за внатрешни работи и вицепремиер Ивица Дачиќ и директорот на српската полиција Драган Васиљевиќ, инсистирајќи дека „аферата Милиќ“ „бара институционална и политичка одговорност“.
Опозицијата ја гледа улогата на Милиќ како „директно учество во загрозувањето на безбедноста на српските граѓани, на кои токму тие мора да им гарантираат заштита, кои ги преминале сите граници“, со оценки дека ова „претставува пораз на целиот државен и безбедносен систем и целосно бришење на границите меѓу државните структури и криминалните и мафијашките групи“.












