Католичката надбискупија на Њујорк се согласи да плати 800 милиони долари во спогодба со 1.300 жртви на сексуална злоупотреба, една од најголемите спогодби во Соединетите Американски Држави во серија тужби за сексуална злоупотреба од страна на свештеници, објави „Ројтерс“.
Ова е втората најголема спогодба, по договорот од 880 милиони долари што го постигна Лос Анџелес во 2024 година. Католичката црква во Соединетите Американски Држави исплати милијарди долари во спогодби во последните години, откако неколку држави донесоа закони што им дозволуваат на жртвите на сексуална злоупотреба да поднесат тужби за децениски злосторства.
Адвокатите што ги застапуваат 300 жртви на злоупотреба во Њујорк, Џеф Андерсон и Мајк Финеган, рекоа дека спогодбата е победа што ќе стави крај на речиси шестгодишните правни битки со Црквата.
Њујоршкиот надбискуп Роналд Хикс во писмо до парохијаните изјави дека е „претпазливо оптимист“ дека сите тужители за сексуална злоупотреба ќе го поддржат договорот. Тој додаде дека Њујоршката надбискупија ги намалила трошоците за персонал и работење за да го финансира спогодбата.
Покрај исплатата од 800 милиони долари, Надбискупијата се согласила да објави документи поврзани со сексуалните престапници во Црквата.
Спогодбата, исто така, предвидува дека Надбискупијата нема да прогласи банкрот, бидејќи по усвојувањето на Законот за жртви на деца во 2019 година во државата Њујорк, сите епархии освен Њујоршката надбискупија и Бруклинската епархија поднесоа барање за банкрот за да завршат слични спогодби во тужбите за сексуална злоупотреба.












